Тендерот за ХЕЦ „Чебрен“ официјално пропадна, а ова го обелодени министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова. Банкарската гаранција од 1,4 милиони евра од грчки „Архиродон“ на крајот сепак нема да се активира.
Заклучно со 31-ви декември не пристигнало продолжување на банкарска гаранција од избраниот понудувач кој беше избран со одлука на Влада и со самото тоа понудата веќе не е активна, а Владата на седница треба да донесе одлука за поништување на тендерот.
Додека беше активна гаранцијата понудувачот требаше да потпише договор за заедничко вложување. Засега нема дополнителни информации од компанијата, банкарската гаранција не важи и не може да продолжиме понатаму. Не се изјаснија тие, но имаа дополнителни услови кои Владата не можеше да ги прифати, појасни министерката задолжена за Екологија.
Премиерот Ковачевски веќе не зборува со ист жар за „Чебрен“. Ако земеме предвид дека пред неколку месеци тој го најавуваше како капитален проект, денеска тој истакна дека овој процес за Чебрен го водат надлежните институции и постапката се води според тендерската документација и одлуките на Владата.
Јас не можам да коментирам одлуки на приватни ентитети, зашто се откажале од изградбата на Чебрен, само кусо одговори премиерот.
Претходно, Ковачевски не велеше исто. Во средината на месец септември тој го опиша како „огромен проект“.
Конечно оваа година после 13 неуспешни тендери имаме избрано понудувач подготвен да инвестира во овој огромен проект, рече Димитар Ковачевски, претседател на влада
Овој процес се спроведува повеќе од 20 години и досега пропаднаа 14 тендери. Владата на 14 септември годинава донесе одлука со за избор најповолен понудувач за да се овозможи реализација на хидроцентралата „Чебрен“. Проценетата вредност на инвестицијата од беше околу една милијарда евра. Со одлуката беше предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати.
На прашањето „Што понатаму“ засега не може да се даде јасен и конкретен одговор. Едно е јасно, а тоа е дека со „Чебрен“ се поврзани низа контроверзии на оваа влада. Оттука, се јавија сомнежите дека Грција сака да го преземе снабдувањето со струја на македонските домаќинства.
Во емисијата „Еспресо со Златев и Боцевски“ која оди во етер на Радио Лидер често се зборува за оваа тема, а една од нив е емисјата каде гостин беше пеофесорот Атанаско Тунески. Професорот вели дека Чебрен мора да биде целосно македонски проект, а никако не смее да оди во рацете на оваа компанија.
Професорот од машинскиот факултет смета дека „Чебрен“ мора да биде исклучиво македонски проект.
Тунески смета дека со паметно менаџирање на средствата Македонија како држава може да го гради овој проект и да остане наш проект.
Според него државата не смее да го продаде Чербен бидејќи така го губиме нашиот суверенитет.
Соседот не може да влезе кај нас и да управува со нашиот дом. Сакаме добрососедски однос со нив, но било кој од нашите соседи не може да биде главен во нашиот дом, вели Тунески за Радио Лидер.