Mитингот на ДУИ во Чаир раководството на партијата го смета за критичен момент за иднината на партијата и нејзината улога во политиката во државата. Фракцијата во партијата „Огнената група“ одржа митинг во Чаир пред три недели на кој остро беа критикувани министрите на ДУИ, а особено Груби, објави Радио Слободна Европа.
Внатрешниот јаз во Демократската унија за интеграција (ДУИ) се очекува да кулминира вечерва на најавениот митинг, кој едната група во партијата го нарекува „спектакл без преседан“, додека за „Огнената група“ тоа ќе биде „совет на артанисти“.
Најавено е дека лидерот на партијата Али Ахмети вечерва ќе присуствува на собирот во спортската сала „Шабан Трстена“ во Чаир, каде ќе биде поздравен како „национален лидер“, како што најави првиот вицепремиер Артан Груби.
„Да, тој доаѓа, и старо и младо е на нозе“, напиша Груби на социјалните мрежи во најавата за присуството на Ахмети на митингот.
Фракцијата во партијата, наречена „Огнената група“ предводена од Изет Меџити, нема да присуствува на настанот. Таа митингот го нарече „собир на артанисти“, кои ја тероризираат јавната администрација со списоци и закани за да учествува на митингот.
Вечерашниот собир доаѓа по митингот на „Огнената група“ пред три недели, на кој отворено беше критикувана работата на министрите од ДУИ во Владата, особено на првиот вицепремиер Артан Груби. Поддржувачите на Ахмети, пак, митингот во Чаир го оценуваат како „историски од кој ќе се гради иднината.“
За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар . Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.
ДУИ како политичка партија беше основана во 2002 година, по укинувањето на таканаречената Ослободителна народна армија (ОНА) во конфликтот во Македонија во 2001 година.
Тогаш стана најголема политичка партија од албанскиот блок и трета најголема во државата, по ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и повеќе од 18 години е дел од власта, а само две години беше во опозиција.
Откако претходно повеќе од осум години беше дел од владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2008 до 2016 година, ДУИ сега е дел од владината коалиција заедно со СДСМ.
Кампањата „Да, тој доаѓа“ предизвика реакции во јавноста, па се толкуваше и како најава за парламентарни избори и доаѓање на премиер Албанец на чело на техничка влада 100 дена пред гласањето. СДСМ и ДУИ по изборите во јули 2020 година се договорија во последните 100 дена од мандатот на Владата да биде назначен премиер по предлог на ДУИ.
Зошто е важен Чаир?
Чаир е најголемата општина со мнозинско албанско население во Скопје, со тоа во Чаир е сконцетрирано главното гласачко тело на ДУИ во главниот град.
Откако јавно почнаа превирањата меѓу двете струи во партијата, лидерот на ДУИ Ахмети го разреши Изет Меџити од позицијата координатор на огранокот на Чаир во партијата и на негово место го именуваше Бујар Османи.
Груби сменет од партиската функција, изборите во ДУИ ги доби „Огнената група“
Меџити, кој е поранешен градоначалник на Чаир, е меѓу најгласните критичари на работата на Груби. Тој ваквиот потег го оцени како нестатутарен, кој не поминал на партиските органи, но и како обид и тенденција на Ахмети да ги замолчи различните мислења.
„Не сум разрешен од функцијата претседател на чаирскиот огранок на ДУИ, зашто сум избран во легална процедура по спроведена кампања, но трагичен e начинот на реваншизам преку политичка диференцијација во ДУИ“, изјави Меџити кој се уште е на функцијата потпретседател на ДУИ.
Целата емисија може да ја погледнете ТУКА.