– Вакцините се безбедни и ефикасни и претставуваат превенција од развивање на тешка форма на болеста, хоспитализација и смртен исход. Вакцинацијата е заедничка одговорност, а постигнувањето колективен имунитет е единствен начин да се стави крај на пандемијата и да се сочува јавното здравје, велат од Министерство за здравство.
Оттаму вчера информираа дека земјава е лидер во регионот по бројот на граѓани вакцинирани со барем една доза во изминатиот еден ипол месец.
– Во периодот од 5 јули до 24 август, бројот на барем една аплицирана доза на сто жители во земјата е зголемен за повеќе од 14 отсто, што е највисок напредок во споредба со земјите од регионот и јасно укажува на зголемениот интерес за имунизација кај населението. Во истиот период, веднаш по земјава се Косово со 10,64 отсто, Албанија и Грција со 8,61 отсто и Косово со 8,04 отсто зголемен процент на вакцинирани граѓани со барем една доза од вакцината. Зголемувањето во Босна изнесува 7,95 отсто, додека во Словенија 6,9 отсто, наведоа од Министерството за здравство.
Вакцинирани се вкупно 712.338 граѓани. Според информациите од Министерството за здравство, досега вкупно се аплицирани 1.234.123 дози вакцини, а ревакцинирани се 521.784 граѓани.
– Со последните бројки, 51 процент од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина 26 проценти од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, информираше Министерството за здравство.
Речиси половина од новодијагностицираните случаи се од Скопје или вкупно 405 по што следува Тетово со 72 нови случаи. Двоцифрен е бројот на нови случаи и во Струмица – 66, Куманово 55, Гостивар 48, Кичево 40, Штип – 37, Струга – 31, Охрид – 28, Битола – 27, Прилеп – 25, Велес – 24, Кавадарци – 21, Дебар – 17 и Радовиш – 13.
По осум случаи има во Ресен и Пробиштип, по седум во Кочани, Свети Николе и Кратово, шест случаи има во Неготино, пет во Македонска Каменица, по четворица во Делчево и Виница, по тројца во Гевгелија и Берово, по двајца во Богданци и Македонски Брод и по еден случај има во Крива Паланка, Валандово и Демир Хисар.
Не стигнуваат ниту реакциите од бизнис секторот за антиковид мерките со кои за влез во објектите се бара сертификат за вакцинација за примена барем една доза вакцина или потврда за прележан ковид не постар од 45 дена од оздравувањето.
Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) вчера побара итна промена на мерките, односно спортските обложувалници да бидат изземени од објектите во кои при влез треба да се прикаже сертификат за вакцинација или тест за прележан ковид. Се пожалија дека имаат пад на прометот за речиси 50 проценти и дека во прашање се доведени работните места на повеќе од 3.500 вработени. Побараа и итно носење на мерки за финансиска помош.
-Со оглед на лошите финансиски резултати од работењето кои ги бележат членките, а предизвикани од новите КОВИД мерки, земајќи ги предвид претходно наведените факти, бараме Владата и Комисијата за заразни болести да направат итна промена на мерките за спортските обложувалници, односно тие да бидат изземени од објектите во кои при влез задолжително треба да се поседува и прикаже сертификат за вакцинација или тест за прележан ковид во последните 45 дена, наведе АСОМ во соопштението.
Претходно, на намален промет по воведувањето на новите мерки се пожалија и трговските центри и угостителите.
Бројот на активни случаи во земјава достигна 14.127. Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани лица во земјава од почетокот на пандемијата изнесува 174.667. Оздравени се 154.698 пациенти, а починати 5.842 лица.