Владата денеска соопшти дека прави максимални напори во услови на една од најголемите светски кризи во поновата историја, да го зголеми домашното производство на основни суровини на храна, но и да ги обезбеди потребните количини од увоз. Со усвоениот сет мерки, со интервентниот фонд и со „Националниот план за производство на храна“, даваме силна поддршка и помош на земјоделците и на граѓаните, соопштуваат од владината прес служба.
Оттаму истакнуваат дека сите овие преземени мерки овозможуваат навремено снабдување со потребните основни суровини за производство на храна, со ѓубриво за сеидба и прихрана, семенски материјал и зелена нафта. За да го зајакнеме домашното земјоделство со пакет мерки предвидени со „Националниот план за производство на храна”, којшто веќе се имплементира, како што велат, ги поттикнуваме земјоделците да се насочат кон зголемено производство на стратешките земјоделски култури. Целта е со оваа поддршка да се справиме со светската криза, но и да станеме увозно независни со достапна и поевтина храна.
Од Владата ги информираат земјоделците дека имаат државна помош и поддршка за производство на стратешките земјоделски суровини како на пример сончогледот. Посочуват дека субвенција за хектар сончоглед е 15.000 денари. Секој што ќе произведуваа ќе добие ѓубриво од 2.500 денари од државата на неделна основа и 2.119 денари за „зелена нафта“. За приноси над 1,5 тон сончоглед предвидена е дополнителна поддршка од 100 евра. Се дава силна поддршка и на договорното производство на сончоглед, што е, подвлекуваат, важно за земјоделците да имаат сигурен пласман, а индустријата суровина.Тоа, оценуваат од Владата, е огромна поддршка, а целта е да ги искористат ресурсите, зашто сега е моментот, да се зголеми производството и залихите за домашните преработувачки капацитети.
Најавуваат дека дополнително, од следната недела, ќе биде отворен огласот за доделување државно земјоделско земјиште под закуп, наменето за житни култури, односно за пченица, пченка, јачмен и сончоглед. Со овој оглас се ставаат на располагање на земјоделците, вкупно 6.000 хектари плодна земја.
Од Владата потсетуваат дека во континуирани преговори со српската Влада, Србија дозволи извоз на два милиона литри масло за јадење, доволни да се покријат потребите за еден месец. Остануваме во постојана и интензивна комуникација со српските власти и доколку има потреба ќе се испорачуваат и дополнителни количини масло за јадење, и очекуваме нова одлука, наведуваат од Владата.