Владата договори пониска царинска стапка од првично објавената
Владата договори пониска царинска стапка со Соединетите Американски Држави, која стапи на сила на 1 август, по двојно одложување на претходно најавените мерки.
Новата стапка изнесува 15 отсто, што претставува значително намалување во однос на првично објавената царина од 33 отсто во април. Истата стапка ќе важи и за земјите членки на Европската Унија, кои го финализираа својот трговски договор со САД три дена пред рокот, на 27 јули.
Американскиот претседател Доналд Трамп рано утрово по македонско време ги објави новите царински стапки. Објавата важеше за сите држави што сè уште немаат официјален трговски договор со САД.
Минималната глобална стапка е 10%, додека за земјите со кои САД имаат значителен трговски дефицит, царината започнува од 15% и може да биде и повисока. Царинската стапка за Македонија, која е изедначена со таа на ЕУ, што според објавеното претставува позитивен изземок во споредба со некои други земји од регионот.
Високи царини за Швајцарија, Србија и Канада
Швајцарија доби највисока царинска стапка од 39%. Од регионот, Србија ќе се соочи со стапка од 35%, Босна и Херцеговина со 30%, додека Хрватска и Словенија – како земји-членки на ЕУ – ќе имаат царина од 15%.
Црна Гора, Албанија и други држави што не се наоѓаат на т.н. Анекс 1 листа на Белата куќа ќе плаќаат основна стапка од 10%.
Канада доби 35%, Тајван 20%, Израел и Венецуела по 15%, Јужна Африка 30%. Камбоџа, Тајланд и Малезија добија 19%, додека Лаос и Мјанмар добија највисоки царини – 40%.
Мерките најавени во април, одложувани двапати
Претходно, на 2 април – ден кој Трамп го нарече „Ден на ослободувањето“ – беа објавени првичните царински стапки. Тие беа прецизирани по држави.
Тогашната најавена царина за Македонија беше 33%. После две одложувања (за 9 јули и потоа за 1 август), и по новите договори со неколку држави, ситуацијата се промени.
САД досега склучија рамковни договори со ЕУ, Обединетото Кралство, Јапонија, Виетнам, Индонезија, Филипини и Јужна Кореја. Деталите за повеќето од овие договори сè уште не се јавно објавени.