Со измените, како што информираат од Владата, ќе се подобри фискалниот капацитет и ќе се зголемат приходите на општините преку постепено зголемување на стапката на дотацијата од ДДВ и персоналниот данок на доход, со цел поголема финансиска самостојност и стабилност на единиците на локалната самоуправа.
На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, на владината седница усвоен е и текстот на Билатералниот договор со Европската Унија за кофинансирање на инвестицискиот проект „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион“.
Со проектот, посочуваат од Владата, се решаваат значајните еколошки и оперативни проблеми поврзани со создавањето и управувањето со отпад и се создадат услови за развивање на интегриран систем за управување со отпад во овие региони и во Општина Свети Николе.
– Системот е во целосна согласност со ЕУ принципите и принципите на националното законодавство за животна средина и ги адресира сите елементи на управувањето со отпад, од спречување на создавање на отпад, негово собирање, па сѐ до отстранување на остатоците од отпадот, велат од Владата.
Со проектот ќе бидат опфатени Североисточниот регион (Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка и Источниот регион (Штип, Кочани, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Виница, Пробиштип, Зрновци, Облешево-Чешиново и Карбинци), како и Општина Свети Николе.