Амандманската расправа ќе може да трае најмногу три дена, а за усвојуавање на овој Закон потребно ќе биде да гласаат 61 пратеник. Според информациите на Алсат, до крајот на оваа недела се очекува да се закаже расправата по овој предлог на комисијата за Европски прашања.

-Второто читање по Предлог на закон со кој се врши усогласување со правото на Европската Унија во матичното работно тело и во Законодавно – правната комисија може да трае најмногу три работни дена, стои во Деловникот на Собранието.

Со користење на европското знаменце најавените блокади на опозициските партии се минимални. Сепак, премиерот Зоран Заев остава можност низ дебатата во Собранието да се убеди опозицијата дека оваа такса е од големо значење за граѓаните.

-Иако се најавени блокади се надевам дека врз основа на дебата ќе сфатиме колку е тоа драгоцено и важно. Само ќе ве потсетам секоја есен каква ни е дебатата овде во Скопје за загаденоста на воздухот, да не зборуваме што се треба да решиме од фабрики за селекција на отпад до фабрики за прочистување на отпадни води и уште огромен број на проекти ширум државата, рече Заев.

И вицепремиерот Фатмир Битиќи го оправда носењето на новата давачка како добро за граѓаните, а опозицијата ја повика на разум.

-Ќе повикам на разум за еколошката такса, зошто значи инвестирање во нашите граѓани, не во инвестирање било што, што некој си го замислил. Еколошката такса е еден од изворите на финансирање на проекти од значење на граѓаните и се надевам дека опозиционерите и пратениците во најбрзо време ќе ги донесат законските измени, рече Битиќи.

Опозициските партии најавија блокада на еколошката такса бидејќи Владата нема прецизирано каде ќе ги троши точно собраните пари и обвинија дека станува збор за кризен данок, а не за инвестиции во екологијата. Од министерството за животна средина појаснуваат дека можно е дел од 54 милиони евра колку што се планира да се соберат за една година да се наменат за субвенции за купување на еколошки возила, а дел за инвестиции во животната средина.