Одлуката на Уставен за зголемување на платите е конечна и треба да се почитува, но тоа не значи дека функционерите ќе добијат покачување од 78% како што се шпекулира во јавноста- ова е ставот на Владата по измените во законот за плати на избрани и именувани лица. Ден по пораката од претседателот Стево Пендаровски дека невкусно е во време на економска криза да се покачуваат плати на функционери, најавија дека прават анализи да го намалат коефициентот за пресметка на платите, но нема објаснување што ќе значи тоа во пракса и за колку проценти ќе им пораснат платите.
„Напоменуваме дека досегашното “замрзнување” на основицата беше всушност владин став изминатиов период и од страна на Владата истиот е бранет како став пред Уставен Суд, а која со одлука на Уставен истата практично се укинува. Иако основицата за пресметување плата согласно одлуката на Уставниот суд се зголемува, Владата конкретно ги разгледува можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност, а со цел да не се оптовари буџетот.
Дека нема да има енормно трошење за функционерите, најави и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Според шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, функционерските плати треба да растат, но приоритет да бидат граѓаните со најниски примања.
И покрај тврдењето од Владата дека платите нема да се зголемат 78 проценти туку помалку, првиот човек на УПОЗ Деаноски останува на неговата првична математика која ги предизвика бројните реакции на јавноста. Во изјава за Канал 5 вели во законот јасно пишува дека основица за пресметка е просечната месечна плата, а не просечна нето плата.
Иницијативата за укинување на членови од законот за плати доаѓа од адвокатот Бојан Стојевски од Скопје. Четири месеци откако ја доставил до Уставен, судиите донеле позитивна одлука, но кои се неговите мотиви за ваква иницијатива одговор нема – во телефонски разговор за Канал 5 накратко рече дека не сака да коментира.