Предвремените парламентарни избори според нив единствено би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза, но исто така ќе ги закочат и процесите на европски интеграции. Порачуваат дека на Северна Македонија и е потребна Влада со јасен евроатлантски курс на дејствување, која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, истовремено и портпарол на ДУИ вчера истакна дека на државата не и требаат предвремени избори, бидејќи земјата ќе влезе во политичка криза, ветувајќи дека ДУИ и тој како прв министер Албанец за надворешни работи, ќе продолжат да го одржуваат евроатланскиот курс, кој е од витално значење не само за земјата, туку и за регионот.
Пратеничката од редовите на СДСМ Славјанка Петровска вели дека одлуката што претседателот на партијата и премиер Зоран Заев ја соопшти вечерта по соопштувањето на изборните резултати, е негова лична одлука, но смета дека државата особено сега мора да продолжи по патот што го зацрта пред неколку години.
– Како партија секако дека ја почитуваме неговата одлука, но претстои период во кој таа одлука ќе треба да биде дискутирана во рамките на органите на партијата. Меѓутоа, веќе вчера како што можевме да видиме од медиумите започнаа разговорите со коалициските партнери, главната порака која ја испратија коалициските партнери е дека постои стабилно владејачко мнозинство, рече Петровска.
Оставката на премиерот Зоран Заев е дефинитивна, вели лидерот на Либерално демократската партија (ЛДП) и министер за локална самоуправа Горан Милевски, притоа додавајќи дека нив не им е толку важно името на новиот претседател на Владата, туку како таа ќе продолжи со новата политика.
Според него, Заев сака СДСМ и Владата да се трансформираат. – Имаме уште 2,5 години. Ако ова парламентарно мнозинство има искрени намери да ги промениме работите, тогаш граѓаните тоа ќе го видат, но ако продолжиме на овој начин, дури и порано ќе има промена на Владата, смета Милевски.
Движењето Беса ќе ја поддржува Владата се додека се движи по евроинтегративниот пат. Ова е ставот на лидерот на партијата Биљал Касами кој вчера го соопшти во емисијата „Вистинска приказна“ на албанската телевизија Њуз 24.
– За нас интеграцијата во ЕУ е приоритет над приоритетите. Подготвени сме да ги надминеме сите длабоки разлики со ДУИ. Единствениот фактор што не држи заедно во оваа Влада е интеграцијата во ЕУ. Сè додека оваа Влада го продолжува интегративниот пат, ние ќе ја поддржуваме, нагласи Касами оценувајќи дека Северна Македонија не може да биде изолиран остров и мора да има соработка со западните партнери, обвинувајќи ја притоа ДУИ дека е „блокатор на интеграциите“.
Поддршката од коалициските партнери за опстојување на Владата беше потврдена на средбата што се одржа во понеделникот, на која учествуваа претставници на сите политички партии што го сочинуваат парламентарното мнозинство. Тие потврдија дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот и побараа од Заев да ја преиспита својата одлука за оставка од премиерската функција, како и од местото лидер на СДСМ.
Од друга страна, опозицијата очекува да се официјализира оставката на Заев, по што ќе се обидат да формираат ново парламентарно мнозинство, а ако не успеат ќе побараат предвремени парламентрани избори.
Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција во партиското седиште ја оцени изјавата на Заев за оставка како блеф, нарекувајќи ја „фејсбук оставка“.
– Зоран Заев самиот изјави дека доколку ги загуби овие избори ќе си поднесе оставка. Заев убедливо загуби во целата држава и изјави дека се повлекува. Од таа изјава до денес гледаме како клиентелистите и неговите послушници готват амбиент за неповлекување и неподнесување на одговорност. Зоран Заев повторно блефираше и остана на фејсбук оставка, но не ја достави со допис до Парламентот. Оттука се гледа дека оставката на Заев е иста како и оставката на Филипче, ја поднесе за да не биде прифатена и потоа да одбегне одговорност, рече Ковачки.
– Не е точно дека планот на премиерот е да ја одолговлекува оставката до декември. Оставката е јасен чин на преземање одговорност, одговорија вчера од кабинетот на претседателот на Владата Зоран Заев.
Посочија дека во тек се консултации низ кои, органите на партијата, како и коалиционите партнери, со целосна поддршка од премиерот Заев, работат на решенија и одлуки со кои парламентарното мнозинство се одржува стабилно, а со цел обезбедување Влада која го одржува реформскиот и прогресивен курс на земјата.
Меѓународната заедница ги следи, но не ги коментира случувањата во земјава.
САД очекуваат да ја продолжат соработката со Северна Македонија во областите од заеднички интерес, соопшти Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик, одговарајќи на барањето да ја искоментира оставката на премиерот Зоран Заев по завчерашните локални избори.
– Американската амбасада ги следи настаните по вториот круг локални избори, вклучувајќи ја и најавата за оставка од премиерот Зоран Заев, се вели во изјавата од портпаролот на Стејт департментот.
Во изјавата се нагласува дека „САД ја сметаат Северна Македонија како доверлив и ценет партнер во регионот, и со нетрпение очекуваат да продолжи соработката со Владата на Северна Македонија во областите од заеднички интерес додека го продолжува напредокот што го постигна кон евроатлантската интеграција“.
Европската комисија, пак, се воздржува од коментар за изјавата на премиерот Заев дека поднесува оставка, поради резултатите на локалните избори.
МИА побара реакција за оставката на премиерот, но од Европската комисија кусо прокоментираа дека земјата „треба да продолжи со реформите за ЕУ“, без повеќе детали.
Случувањата во Северна Македонија ги коментираше германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ со оценка дека поразот на Зоран Заев на локалните избори може да се смета и како пораз на ЕУ и нејзината политика за проширување кон Западен Балкан, а тоа е и лош предзнак за реформите кои и се неопходни на земјата и на целиот регион.
Случајот на Заев, додава „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, може да биде пример во регионот и можно е премиерот на Северна Македонија во заминување долго време да биде последниот премиер во регионот кој бил подготвен да преземе голем политички ризик заради т.н. европски перспективи на својата земја.
– Затоа поразот на Заев може да се гледа како пораз на ЕУ и нејзината политика на проширување на Балканот, заклучува германскиот весник.
Заев во неделата вечерта по поразот што го претрпе коалицијата предводена од СДСМ на локалните избори изјави дека поднесува оставка на двете функции, но нагласи дека останува на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори, бидејќи, како што рече, претстојат две и пол одлични и неповторливи години од кои корист ќе има целиот народ и државата.
Актуелното парламентарното мнозинство од 62 пратеника го сочинуваат коалицијата предводена од СДСМ, во чиј состав се и Беса, НСДП, ЛДП, ДОМ, Демократскиот сојуз, ВМРО-НП, Партијата на пензионери, Српската странка во Македонија, Партијата за движење на Турците и Демократска партија на Турците, и плус ДУИ и ДПА