На средбата со новинарите министерот Филипче беше запрашан за податоци од студија, кои покажуват дека невакцинирани а прележани за седум проценти имаат посилен имунитет од оние кои се вакцинирале со „Астра Зенека“.
-Има големброј студии кои може да се прочитаат, но студиите не може да се анализираат така, сами по себе. Има начини на кои се изведува, зависи од бројот на испитаници, од методите кои се користат, во кој период по прележувањето е анализиран имунитетот и оттука препораките од меѓународните информации и нашиот Комитет за имунизација се должат на анализа на повеќе студии. Притоа за да се спореди колкав е ризикот на граѓани кои ја прележале болеста и оние кои се вакцинирани потребни се и дополнителни анализи, а тоа е дали во ист временски период биле подеднакво изложени на вирусот и многу други фактори кои се анализираат. Сите тие бројни студии нашиот Комитет ги собира и анализира и излегува дека и нашите анализи се совпаѓаат со препораките на СЗО, а тоа е дека сепак, трајниот имунитет е вакциналниот имунитет, рече министерот.
На прашањето колкав број на хоспитализирани има низ болнитите и каде е најсилен притисокот, Филипче рече дека вкупно се околу 700 хоспитализирани, а најмногу има во Тетово -110, Гостивар- 90, во Струга- 36, Кичево- 40, но и дека за пациентите од Струга и Кичево на располагање се болниците во Прилеп и Битола, додека за тие од Тетово и Гостивар на кој му е потребна хостипализација на располагање се болниците во Скопје.
Филипче рече и дека здравството е подготвено да го издржи и овој нов бран.
-Да спремни сме да се реорганизираме. Сега веќе имаме искуство. Деновите следиме како се одвива бранот во Тетово и Гостивар, каде нагло се зголеми бројот и каде имаше мал опфат на вакцинација, но сега веќе опфатот расте. Оваа недела правиме некои анализи дали според прегледите може да констатираме дека притисокот спласнува. Рано е за тоа да се каже иако има некои индиции, како што информираше директорот, рече министерот.
За барањата на угостителите и мерките кои тие ги предлагаат Филипче рече:
-Утре ќе имаат состанок Комисијата за заразни болести и Комитетот за имунизација, ќе се анализираат епидемиолошките мерки и опфатот на вакцина по градови. Сметам дека мерките и понатаму треба да останат исти се додека уште повеќе не се зголеми колективниот имунитет. До викендот се вакцинирани 660.000 граѓани, од кои 501.000 се ревакцинирани. Со ова темпо ако продолжиме, некаде до средината на октомври уште повеќе ќе порасне колективниот имунитет, ќе стасаме до милион вакцинирани граѓани што е скоро 70 проценти од полнолетните. Ова е многу добро имајќи предвид дека почнува школската година, која е исто така ризик, но и есента, поради времето се повеќе луѓе ќе бидат во затворени простории и тоа е дополнителни ризик. Затоа се и овие мерки, каде акцент се става на вакцинацијата не на алтернативите за влез на затворени настани, рече Филипче.