Дискусијата за измена на Уставот на првата пленарна седница која е за т.н. отворање на највисокиот правен акт, со цел да се изгласа потреба од негова измена, заврши за три саати. Со затворањето на дискусијата, следен чекор е гласањето. Ова нема да се случи се додека не се створат услови – а тоа е да се најдат 80 пратеници. Власта во изминатите денови ја убедуваше јавноста дека се разговара со поединци во ВМРО-ДПМНЕ, додека најголемата опозициска партија е децидна дека ниту еден пратеник нема да гласа „за“, а власта нема да добие уште осум пратеници за измени. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ кажа дека немаат притисоци, ниту директни ниту индиректни.
Собранискиот спикер, Талат Џафери, не е временски ограничен кога ќе мора да го закаже продолжението на седницата. Ова значи дека можат да поминат и месеци. Крајниот рок, кој го кажа претседателот на државата, Стево Пендаровски е до крајот на ноември. До тогаш на сила треба да стапат промените и гласањето да биде успешно. Во спротивно, скринингот од ЕУ завршува на 1. декември и приказната е завршена.
Дебатата имаше неколку говорници, покрај експозето на премиерот Димитар Ковачевски. Секој имаше своја улога. Опозицијата бараше гласање за да докаже дека власта нема доволно пратеници за измена на Уставот и со тоа да се затвори темата. Албанската опозиција бараше со отворање на Уставот да се измени и формулацијата „20 отсто“ која се однесува на јазикот. Власта односно СДСМ и ДУИ порачаа дека народот е спокоен, што значи дека го поддржуваат процесот.