Каков ќе биде точниот исход од овој процес, овој повеќе месечен процес кој што започна да се однесува на постапката за измена на Уставот не можеме во овој момент да кажеме освен да потврдиме дека станува збор за задржување на почетните позиции и на партиите од власта и на партиите од опозицијата во однос на тоа дали треба односно не треба да биде спроведена постапката за измени на уставот на Република Македонија со цел продолжување на процесот на евроинтеграции, изјави Александар Спасеновски, универзитетски професор во своето гостување на дневникот на МТВ во врска со процесот за уставните измени.

Спасеновски посочи дека целата дебата за уставни измени може да се подели во два дела.

-Во оваа смисла целокупната дебата можеме да ја поделиме на два дела. Во првиот дел можеме да споменеме дека имаше еден период во кој што се одвиваа живи дискусии помеѓу политичките партии, помеѓу лидерите на политичките партии околу тоа да се изнајде определено решение да се продолжи со процесот на европските интеграции. Таа фаза веројатно заврши во моментот кога беше закажан и отпочната Седница за уставни измени и во оваа смисла сега сме сведоци, ја живееме втората фаза од оваа дебата во однос на уставните измени, а тоа е дека гледаме власта не се откажува од самиот процес и дека наместо да води дијалог со партиите од опозицијата во основа се води дијалог поединечно со пратеник по пратеник со цел да се определи определено мнозинство од 80 пратеници кое што евентуално би ги изгласало уставни измени, кажа Спасеновски.

Спасеновски во врска со уставните измени заклучи дека засега ништо не се ветува дали тие ќе се случат.

-Дали тоа ќе се случи ситуацијата засега не ветува, рововите се длабоко закопани, не постојат изгледи за воспоставување и обезбедување на единства и консензус помеѓу партиите од власта и партиите од опозицијата што претставува уште едно повторување на една стара приказна на длабока поделеност помеѓу политичките чинители во државата од кои се покажало дека скоро секогаш штета имала самата држава, додаде тој.