Во првиот круг од гласањето, од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, градоначалници беа избрани во: Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Гази Баба, Ѓорче Петров, Градско, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и Штип.
Додека во вториот круг ВМРО-ДПМНЕ освоија градоначалнички места во 20 општини и тоа во Битола, Брвеница, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Охрид, Ранковце, Ресен, Чешиново-Облешево и Радовиш.
Вкупно гласови во првиот круг ВМРО-ДПМНЕ освоило 316.532 гласови, додека СДСМ освоило 260.418 гласови, што е разлика од 56.114 гласови.
Во првиот круг евидентна е разликата и помеѓу вкупниот број на советнички места, ВМРО-ДПМНЕ има освоено 444, додека СДСМ 375 советнички места или 69 советници повеќе во полза на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Во вториот круг пак, ВМРО-ДПМНЕ освои вкупно 19 градоначалнички места, додека СДСМ само 4.
На изборите во неделата на 31 октомври за ВМРО-ДПМНЕ гласале 228,347 гласачи, додека за СДСМ само 187,883 што е разлика од 40,464 гласови во полза на ВМРО-ДПМНЕ.
Според бројките ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник и со освоени градоначалнички места, но и со освоени советнички места низ целата територија на Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ ќе освоеше најголем број на пратенички мандати ако локалните избори беа парламентарни
Доколку локалните избори кои се одржаа пред точно една недела, односно на 17-ти октомври, беа парламентарни избори на кои граѓаните ќе избираа народни претставници во Собранието на Република Македонија, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе освоеше убедливо најголем број на пратенички места.
Ова го покажува анализата на изборните резултати од неделата на 17 октомври, на кои во првиот круг од локалните избори ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, СДСМ 9, додека ДУИ 2 градоначалника.
Доколку освоените гласови на советничките листи на партиите се преточат во освоени пратенички мандати, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе освоеше 45 пратеници, додека владејачката СДСМ 7 помалку, односно 38 пратеници. Споредено со актуелната состојба во Собранието, ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ би имала плус еден пратеник во Собранието (освои 44 на ланските избори), додека СДСМ би имал осум пратеници помалку во однос на ланските парламентарни избори кога освои 46.
Во албанскиот блок ДУИ ќе освоеше 18 пратенички места, Алијанса на Албанците/Алтернатива 7 пратенички места, додека БЕСА 3 пратенички места. Според гласовите на советничките листи, партијата Левица би освоила 6 пратенички места.