Тендерската постапка ќе се состои од две фази, при што најпрво ќе следи претквалификациската фаза во која сите заинтересирани компании и конзорциуми ќе можат со апликација да го искажат својот интерес за учество во тендерот. По ова, ќе се изврши селекција на поднесените апликации и оние компании кои ќе влезат во втората квалификациска фаза, ќе достават тендерски понуди од кои ќе се избере најповолниот изведувач.
Градоначалникот денеска рече дека очекува во март 2022 година да се започне со имплементација на првата БРТ линија, додека една година потоа, таа да биде ставена во функција за граѓаните. Проектот опфаќа изведба на посебна траса која би се движела по средината на булеварите низ општините Аеродром, Центар, Карпош и Ѓорче Петров, со должина од 12,81 километри и 21 автобуска постојка.
Професорот од Техничкиот факултет од Битола, Никола Крстаноски денеска презентираше детали од проектот, објаснувајќи дека долж најголем дел од трасата ќе бидат засадени дрвореди, кои ќе ја одвојуваат трасата за БРТ од постојните коловозни ленти за возилата. Исто така, централното градско подрачје кај Рекорд ќе прерасне во пешачка зона, каде ќе им биде овозможено да се движат единствено на возилата за јавен превоз.
Градоначалникот Шилегов објасни дека дигиталната платформа на Смарт Сити во Скопје го опфаќа и системот за управување на сообраќај. Тој рече дека станува збор за целосна дигитализација на сигнализацијата за пропуштање на различни видови на сообраќај на улиците во Скопје, давајќи им предност на БРТ возилата. Во рамките на проектот, 7 милиони евра се посветени на дигитализацијата и сигнализацијата, што е проект којшто досега не е виден во земјава.
Професорот Крстаноски објасни дека самите автобуски станици на кои ќе застануваат БРТ возилата ќе бидат од затворен тип, што значи дека граѓаните ќе треба да го валидираат билетот пред да влезат на станицата, со што ќе се забрза времето за влез и излез на патниците од автобусите.
Градоначалникот Петре Шилегов пак рече дека цената на билетот досега не е утврдена, но се работи на дополнителна документација по ова прашање, која ќе овозможи воведување на билети што ќе им бидат достапни на патниците за да патуваат од и до било која локација во Скопје, користејќи ги не само БРТ линиите, туку и можноста за трансфер со другите автобуски линии во Скопје.
Шилегов додаде дека по завршувањето на двете фази од проектот за воведување на брз автобуски превоз во Скопје, ЈСП-Скопје нема да има потреба од субвенции од Градот Скопје, коишто секоја година ги добива во моментов.
Во однос на втората БРТ линија од Железничката станица Скопје Север до населбата Пинтија кај Стаклара, градоначалникот спомена дека во моментов се изработува студија за неа, при што рече дека очекува во 2024 година да започне имплементацијата на оваа линија. Тој додаде дека проширувањето на булеварот Цветан Димов во општина Чаир претставува подготовка на Градот Скопје за реализација на оваа БРТ линија. Втората БРТ линија е со планирана должина од 10,4 километри и со 20 автобуски постојки. Двете БРТ линии ќе се преклопуваат во Центар.
Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата. На денешната презентација на проектот присуствуваше и помошник директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) од Лондон, Ијан Џенингс, од каде што е подигнат и заемот за проектот.
Тој рече дека ЕБОР секоја година вложува 250 милиони евра во развој на градски транспортни системи.
– ЕБОР и Град Скопје веќе соработуваа при набавката на 33 нови МАН автобуси на гас, изработката на акцискиот план за зелен град, како и на Студијата за оптимизација на мрежите на линии на автобускиот јавен превоз. Сега се радувам на соработката при воведувањето на БРТ во Скопје кој е еколошки проект, пристапен за сите граѓани. Ваков проект кој ќе го трансформира превозот во Скопје бара голема посветеност и соработка, рече Џенингс.