Македонија е шампион по високи цени на прехранбените производи. И кога државата презема мерки за доброто на граѓаните, приватниот сектор контрира со бојкот на производството Но, ниту мерките на државата не се доволни за стандардот на граѓаните. Споредено со земјите од регионот, лебот во Македонија е меѓу најскапите. Во Косово во текот на целата криза 500 гр леб се продава за 50 центи.
„Никогаш не дозволуваме местење на цените во Косово. Нашиот инспекторат интервенираше, ја надгледуваме конкуренцијата и истовремено ги казнуваме сите оние кои би можеле да ги зголемат цените на сметка на потрошувачот за незаконски и брзи придобивки. Ова помогна нашиот економски раст да биде распределен како социјална поддршка на луѓето воопшто. Помогнавме студенти, пензионери, трудници, деца, но им помогнавме и на работниците во приватниот и јавниот сектор“, вели Курти.
Во меѓувреме, во Црна Гора, за да се справат со високите цени кои ја продлабочија инфлацијата, се зголемија платите. Премиерот Дритан Абазовиќ рече дека минималната плата е зголемена на 450 евра, а просечната е 700 евра. Лебот се продава по 75 центи.
„Порано беа 240 евра, сега минималната плата ја направивме 450 евра, се обидовме како Влада пред се да им помогнеме на категориите на луѓе кои се во тешка социјална состојба и во тешка економска состојба. . Потоа и другите плати во некои сектори се зголемија во јавниот сектор, ја ублаживме кризата. Задоволни сме од тоа како се справивме со кризата, дури и не ја покачивме струјата, односно сме меѓу ретките земји што не направивме никаква корекција и покрај тоа што помина една година со енергетска криза“, рече Абазовиќ.
Во Србија векна леб чини 42 центи, во Босна и Херцеговина 79 центи, во Албанија 51 центи.