Земјата е опустошена од војната без крај меѓу картелите за дрога, стапката на убиства постојано се зголемува и сега изнесува 30.000 годишно. Во медиумите се појавуваат слики на тела испружени на мостови, или фрлени покрај патот, додека техниките за измачување добиваат нови називи.

Во фото-репортажа посветена на овој црн рекорд, весникот наведува дека голем дел од вината за оваа епидемија на киднапирања и убиства не е само кај криминалците туки и кај државата, со слабите истражни органи и непосветеноста да се завршат започнатите истраги.

Се наведува најеклатантниот пример за исчезнувањето на 43 студенти од еден регионален колеџ за учители од градот Ајоцинапа во 2014 година. Истрагата за време на тогашниот претседател Енрике Пења Нието обвини еден локален нарко картел и општинската полиција. Но ова објаснување беше нашироко осудено од меѓународните експерти, вклучувајќи ги ОН, кои процесот го окарактеризираа како „извалкан со тортури и прикривања“. Студентите се водат за исчезнати, но се верува дека се мртви и никој не знае каде се нивните тела, кој тоа го направил и зошто, пишува весникот.

Актуелниот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор вети повторно отварање на истрагата за овој случај и барање одговори за семејствата.

Некои правници и борци за човекови права веруваат дека бројката на исчезнати во земјата е поголема бидејќи државните обвинители не секогаш објавуваат целосни податоци.

Од септември лани до јули годинава има пријави за започната потрага по 6.453 луѓе, или околу 20 лица дневно се водат за исчезнати во Мексико.