– Во првиот дел на мај, како Министерство за економија заедно во делегација со претседателот на Владата, Зоран Заев ќе бидеме во Грција каде што ќе го потпишеме финалниот договор за превземање на обврски и од нашата држава и од нашиот сосед Грција за започнување со изградба на интерконекторот во јужниот дел на нашата држава каде што на некаков си начин ќе подолжимево нашата намера за диверзификација на снабдување со природен гас и енергетски ресурси, што не само што ќе отвори нови работни места, но дополнително на тоа ќе придонесе и во намалување на цената во делот на енергетиката, рече Бектеши на денешната дискусија за националната подготовка на Конференцијата СОР 26 во Глазгов.
Во делот на гасификацијата освен интерконекторот, како што нагласи министерот за економија, веќе се донесени одлуките да бидеме дел и од терминалот Александропулос, но и во делот на изградба на гасната централа.
– Ова дополнително ќе влијае на сигурноста со снабдување со енергија во нашата држава, но и во делот на диверзификација. Нашата држава директно ќе има право и ќе има можност да користи „еленџи“ гас освен другиот природен гас што го користи преку различни интерконектори и гасоводни мрежи, рече Бектеши.
Во различни општини се имплементираат различни модели на снабдување со енергија во однос на енергетската ефикасност.
Министерството за економија целосно го поддржува сценариото што се однесува на целосно зелена трансформација и за тоа е изготвен план со рокови.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини посочи на ревидираниот Национален придонес кон договорот од Париз за клима, со којшто нашата земја ја постави целта во 2030 година да ја постигне целта за 51 отсто намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година односно 82 отсто редукција на нето мисиите.
Утврден е и патоказот за ниско јаглероден развој.
– Овој стратешки документ претставува нов поамбициозен придонес кон глобалните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови и е фокусиран на ублажувањето на климатските нпромени, рече Нуредини.
Како што потенцира, со ова нашата земја изрази јасна намера зеленото сценарио од стратегијата за развој на енергетика, да се развива врз принципите на циркуларната економија, да имплементира мерки за одржливо управување со природните ресурси и заштита на животна средина.
Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри истакна дека Италија е целосно посветена кон оваа цел и изрази задоволство што во ЕУ е постигнат договор со што нашата обврска за климатска неутралност ќе се претвори во сериозна обврска, што ќе биде срж на Зелениот договор.
– Имаме финансии за закрепнување од пандемијата и тие треба да бидат насочени и кон усвојување на политики за животната средина и климатските промени. Сакаме да основаме и ново Министерство за еколошка транзиција затоа што токму таа транзиција ќе биде клучна за нашата држава, рече амбасадорот Силвестри наведувајќи дека на оваа транзиција во Италија не се гледа како на трошок туку како можност.
Во дискусијата претходно се вклучија и вицепремиерот за координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и амбасадорките на САД, Кејт Мери Брнз и на Обединето Кралство Рејчел Галовеј.