Не стивнуваат реакциите во јавноста откако Владата минатата недела потпиша договор со американската фирма „Бехтел и Енка“ за изградба на 110 километри автопатишта низ Македонија, договор вреден 1.3 милијарди евра како и договор со конзорциумот „ ИРД, Ептиса, Електро солушн и Евро консалтинг“ за надзор над изградбата. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми вели дека сѐ е според закон иако признава дека можеби законите имаат и свои недостатоци.
За ЈПДП нема ништо спорно во фактот што дел од фирмите што ќе го вршат надзорот врз изградбата на автопатиштата и лицата вклучени во нив, во други земји, се сомничат за криминал. Пред сѐ фирмата „Ептиса“ и Бранислав Димитријевиќ за кој во Ерменија се води истрага.
Надзорот над изградбата камен на сопнување за Владата
Токму вакви сомнежи постојат и во Македонија за изборот на конзорциумот „ ИРД, Ептиса, Електро солушн и Евро консалтинг“ за надзор над изградбата на автопатиштата, договор вреден 22 милиони евра.
Ние не евалуирамe акционери, туку референците на нивните компании, велат од секторот за јавни набавки од ЈПДП и потенцираат дека според Законот за јавни набавки тие само проверуваат дали понудувачите ги имаат доставено потребните документи.
Од таму тврдат дека нема ништо спорно во фактот дека кај двете фирми кои беа одбиени физичките лица ги имале доставено сите документи меѓу а кај конзорциумот што беше избран кај физичките лица фалат документи од страна на судот.
„Има разлика дали си државјанин на Македонија или си странец и дали си домашна или странска фирма. За сите подеднакво важи дека мора да достават изјава дека не се дел од злосторничко здружување или се поврзани со било каква корупција., дека се платени сите даноци, дека нема забрана за вршење на дејност, дека фирмата не е во стечај или ликвидација или дека нема забрана за учество во повици за јавни набавки. Она што е различно за физичките лица а кои се странци е тоа што доколку некои документи што се бараат кај нас не ги издава нивната матична држава тогаш тие мора да дадат изјава пред нотар дека таков документ нивната држава не издава. Тоа е и во овој случај“, велат од секторот за јавни набавки од ЈПДП.
Токму ова е најголемиот камен на сопнување затоа што Владата во септември 2020 година донела Одлука и препорака до сите државни институции и општини кои реализираат капитални инвестиции поголеми од 1.000.000 евра да не ја ангажираат шпанската фирма ‘Ептиса’, од причини што истата неетички, незаконски и несоодветно постапила како надзор во поглед на првата фаза од изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце“. Три години подоцна истата фирма е дел од конзорциумот фирми што ќе врши надзор врз изградбата на автопатиштата. Со името на оваа фирма се врзува и името на Бранислав Димитријевиќ за кој во Ерменија се овди истрага за сторен криминал.
„Лицето за кое се интересирате сега воошто не е дел од оваа постапка“, кусо одговараат од ЈПДП.
Ниту изведувачот на работите не е цвеќе за мирисање
Американската корпорацијата „Бехтел и Енка“, фирмата што ќе ги гради автопатиштата е американска градежна и проектантска компанија основана во Сан Франциско, а има седиште и во Рестон, Вирџинија. Има импозантното портфолио. Таа ги градела прочуената брана Хувер на Кањонот на Колорадо, нејзин проект е тунелот под Ла Манш меѓу Франција и Обединетото Кралство, метрото во Атина, работела на санирањето на нуклеарката Чернобил после хаваријата, како и на реставрација на кувајтските нафтени капацитети после Војната во заливот. Бехтел има изградено бројни подземни железници и метроа низ САД и надвор од САД, нејзин проект е познатиот Бостонски централен тунел, Брзиот транспортен (рапид) систем во Областа на Заливот на Сан Франциско и многу други.
Но, има и една друга страна на работата на „Бехтел и Енка“ за која во 2015 година пишуваше Форин полиси. Во истражувањето меѓу другото се објавени докази за (не)исплатливоста на изградбата на дел од автопатиштата во Хрватска, Романија и Косово како и за тоа кој сѐ е вклучен во зделките вредни милијарди евра.
Од секторот за јавни набавки од ЈПДП велат дека ако било која фирма има негативна референца самиот електронски Систем за јавни набавки ќе го покаже тоа. Тврдат дека постојат критериуми според кои системот сам определува која фирма ги исполнила условите за избор.
„Една фирма може да биде исклучена од постапката за избор само ако истата ја повлече понудата, ако не го потпише договорот за кој постои рок, ако системот утврди аритметичка грешка во понудата или ако фирмата не обезбеди банкарска гаранција за навремено и квалитетно исполнување на обврските. Избраните фирми немаат ниту една негативна референца“, велат од секторот за јавни набавки на ЈПДП.
Договорот со „Бехтел и Енка“, кои со закон се номинирани за стратешки партнер од државата во проектот, беше потпишан минатата недела во владата, а Антикорупциската комисија отвори предмет за да се проверат објавите за една од компаниите во конзорциумот избран за надзор