Комерцијалниот договор за модернизација и реконструкција на таа делница, вреден 943 милиони евра, беше потпишан во 2018 година од страна на Инфраструктура на железниците на Србија со конзорциум од кинеските компании „China Railway International-CRI“ и „China Communications Construction Company“ – CCCC), а доверител е кинеската Ексим банка.

Проектот за изградба на пругата Белград-Будимпешта е вреден околу четири милијарди евра, од кои околу две милијарди ќе чинат работите во Србија, и таа е дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“.

Сијарто рече дека Унгарија и Србија ќе имаат голема корист од изградбата на брзата железница што ќе ги поврзува Белград и Будимпешта и дека проектот придонесува за зајакнување на пријателските односи меѓу двете земји.

– Сакаме да бидеме победници во новиот светски поредок и оваа инвестиција ќе ни помогне во тоа, рече Сијарто.

Вучиќ посочи дека Србија се однесува прагматично во односите со Кина и Унгарија, но и дека чувствува пријателство и братство со оние народи кои никој не може да ги урне.

Тој изјави дека сите работи во Србија на брзата пруга Белград-Будимпешта ќе бидат завршени до крајот на 2024 година.

Сообраќајот на делот од пругата, кој е планиран за брзини на возови од 200 километри на час, од Белград до Нови Сад, треба да започне во март следната година.

Делницата на брзата пруга од Белград до Стара Пазова во должина од 34,5 километри ја прават кинеските компании CCCC и CRI, а делницата Стара Пазова-Нови Сад во должина од 40,4 километри руската RZD International.

Пругата Белград-Будимпешта ќе биде долга околу 350 километри, од кои 184 километри на територијата на Србија. Планирано е сите работи на пругата да завршат во 2025 година, а возењето по таа траса со брз воз ќе трае два часа и пет минути