Додека Приштина не ги исполни обврските од претходните договори, во Брисел може да одам само како турист, порача српскиот претседател Александар Вучиќ реагирајќи на повикот на шефот на дипломатијата на Европската Унија Жосеп Борел лидерите на Србија и Косово да го продолжат дијалогот за решавање на косовскиот проблем кој го форсираат САД и ЕУ.
Продолжението на дијалогот за постигнување договор за нормализација на односите, и покрај сигналите на двете страни дека, под одредени услови, се спремни да седнат на маса, останува неизвесно па се очекува дополнителен притисок од Вашингтон и Брисел врз Белград и Приштина.
Пред почетокот на самитот на лидерите на ЕУ Борел вчера повтори дека европскиот предлог за план е „на масата“ и им испрати повик на лидерите на Белград и Приштина „да дојдат во Брисел наскоро, за неколку недели, за дефинитивно да го истуркаат“, предлогот кој го поддржува и Вашингтон.
Тој договор, кој на двете страни во втората половина на јануари им го претставија американски и европски дипломати, предвидува почитување на територијалниот интегритет, неповредливост на границите, признавање на државните симболи и специјален аранжман за српската заедница на Косово (Заедница на српски општини).
Вучиќ на дипломатите од САД и ЕУ им кажа дека Србија е „спремна да го прифати концептот на европскиот план“ и „да работи на примена на предложениот договор“ за дијалогот за нормализација на односите. Косовскиот премиер Аљбин Курти порача дека „го прифаќа предлогот на ЕУ за нормализација на односите“ и го смета за добра основа за понатамошни разговори и солидна платформа за напредување.
Белград останува на тоа дека формирањето на ЗСО е клучната точка за продолжување на дијалогот, додека Курти смета дека формирањето е можно со шест услови, но само откако Србија ќе го признае Косово.
Вучиќ вчера го потврди ставот на Белград за можното продолжување на дијалогот. „Ако ми се јавувате, известете ме дека го испорачале ЗСО. Кога ќе го испорачаат, доаѓам да разговарам за сè друго“, порача Вучиќ, кажувајќи дека не е заинтересиран во Брисел да оди како турист.
Приштина во 2008 година еднострано прогласи независност која Белград одбива да ја признае. Независноста на Косово ја признаваат дел од западните земји, но не и Русија, Кина, Ватикан како ни пет држави членки на ЕУ.