Состојбата која ја затекна нашата држава сите ги остави со подзината уста, сите се во шок и неверување од новонастанатата ситуација бидејќи вакво нешто до сега не се случило во нашата модерна историја. Исцрпен текст и анализа на ситуацијата даде и Љупчо Димовски, претседател на СПМ и поранешен министер за земјоделство(2009-2014). Тој се наврати наназад и даде еден интересен но и доста поразителен факт за моменталната состојба во државава, а тоа е дека за прв пат по 1945 година, Македонија остана без леб!
Во продолжение го пренесуваме неговиот текст
Во своето минато Македонија од 1945 година поминувала низ многу премрежја и кризни состојби, меѓутоа сите македонски влади воделе грижа за македонскиот народ и македонските граѓани воопшто. Особено се грижеле за обезбедување услови во задоволувањето на основните потреби и прехрамбени производи на населението.
Сè до денес кога актуелната влада ги остави сопстените граѓани гладни и без леб, основниот и традиционален прехрамбен производ.
Владата не постапи согласно Законот за влада и уставните обврски да води грижа за благосостојбата на македонските граѓани.
Владината неспособност и неодговорност оди до таму што со својата ароганција, дилетантизам и директни закани свесно влијаеше во поттикнувањето на компаниите од пекарскиот сектор на реакција со запирање на нивното производство на бел и полубел леб и за празните рафтови во малопродажбата.
Пазарот не е снабден со овој стратегиски производ, се најавува дефицитарност на лебот и не се задоволени потребите на потрошувачите.
Владата ги остави граѓаните гладни!
Нема никакво оправдување ниту разбирање за одлуката на пекарските компании за запирање на производството на леб.
Самите тие во прашање го доведоа нивното постоење и работење, подеднакво со оправданото поставување на прашањето за нивната општествена одговорност.
Затоа што во моментот на добивање на лиценците и дозволите за работа во оваа дејност тие се обврзуваат на специфична одговорност кон државата и потрошувачите.
Оттаму нивната одлука е за дополнителна осуда.
Меѓутоа, виновниците се кријат и во владата.
Неограничено празниот и неук министер за економија со елементарно непознавање на основните економски политики и пазарни законитости, наоружан со силата на институцијата која наводно ја раководи, со несмасноста во однесувањето и покажувањето некаква моќ, неодмереноста во изјавите и со непромисленоста за тајмингот на донесување на одлуката и начинот на кој ја соопшти или најави ја создаде најновата криза во продукција на оваа влада во нејзиниот кризен серијал.
Или нема влијание врз самонабедениот министер економски или е незаинтересиран, но не значи дека и не е одговорен, заменикот претседател на Влада задолжен за координација на економските ресори, со што повторно покажа дека е и крајно неодговорен, а и неподготвен за посложени ситуации.
Министерот за земјоделство е третата страна во оваа драма, кој со површноста, неподготвеноста и неискористувањето на ингеренциите што ги има не предвидел и не создал услови за обезбедување соодветни количини брашно како помош на компаниите од пекарскиот сектор. А сето како услов за подготовка или отпочнување на процесот за носење одлука за замрзнување на малопродажната цена на лебот, но не сега туку најмалку пред шест месеци за што благовремено беше предлагано од моја страна.
Точно така, потсетувам дека наместо ограничување на маржата, како што работеше владата и со тоа доживеа неуспех, таа требаше да ги замрзне малопродажните цени (што значи координација раководена од заменик претседателот на владата, министерот за земјоделство, министерот за економија, министерот за труд и социјална политика, Дирекцијата за стокови резерви, коморите и пекарските здруженија).
Истовремено оваа ситуација ја актуелизира потребата од реорганизирање на владините ресори и оформување на Министерство за земјоделство и храна со подредување на сите надлежности на целокупниот процес “од нива до трпеза” како во сите високо развиени земјоделски држави, членки на ЕУ. Се повикуваме на европски критериуми, а не сме способни ниту ресорите да ги пиставиме согласно ЕУ стандардите.
Само површно ќе ја отворам темата за ланската ниска откупна цена на пченицата од што најголема корист имаа откупувачите-млинарите-пекарите, а најголема вина Државниот инспектират за земјоделство и министерот за земјоделство.
Четвртиот лик е самиот премиер кој со интензивната посета и пазарување во пекари, бурекџилници, сендвичари, кооперативи и гранапи мораше да ги осознае пазарните состојби и да ги предвиди настаните. Затоа е премиер, порано и подалеку да гледа. Но не е така, за жал. Затоа и сме таму каде што сме.
Петиот лик е неуставниот прв заменик претседател на влада кој во најкритичниот период за започнување на процесот за замрзнување на цената на лебот, некаде јули минатата година, си земал за право да потпише Одлука за отпис на 1600 тони меркантилна пченица од државните резерви.
Да појаснам овие мерки преку промислени политики требало владата да ги спроведе уште во тој период, не сега и не само со замрзнување на цената.
Значи, 1600 тони е првична количина на пченица која би се преработила во брашно со кое би се интервенирало кај производителите на леб за покривање на разликата од висината на замрзнатата малопродажна цена на лебот и висината на производните трошоци.
За жал во владата не размислуваат на овој начин, не ги согледуваат или не сакаат да се потрудат да ги согледаат приликите и да ги предвидат состојбите со што би се извлекле заклучоци и би се донеле одлуки.
Но ова веројатно е напорно за владата и прозваните, затоа и се наоѓаме во состојба која допрва ќе стане интересна.
Владата ќе притиска за да ја покаже и докаже својата моќ, пекарите ќе се спротивставуваат на репресиите и притисоците од инспекции, казни, закани и слично, но на крај под притисок на јавноста ќе мора да се најде решение кое веќе го споменав.
Се започна со отписот на пченица, а ќе се заврши со новиот срам за оваа нелегитимна влада која со својата неодговорност и неспособност го остави сопствениот народ гладен и без леб!
Членство во ЕУ?
Може ли тоа да се очекува од влада која ниту леб не е способна да обезбеди …
ПС: Доколку сите овие владини ликови дозволат на домашниот пазар да се продава увезен леб, со потекло од Косово на пример (просторот е ограничен и темата е опширна зошто тој леб би се продавал не за 25 туку и за 15 денари/500 гр), тогаш основано ќе се отвори сомнеж за многу дополнителни нешта.