Целата објава ја пренесуваме во продолжение:

На денешен ден, додава, пред 76 години, 7 јуни 1945, на предлог на Министерството за народната просвета, Народната Влада на Македонија донесе „Решение за правописот на македонскиот јазик“ со заклучок истиот да се отпечати во засебни книшки како издание на Министерството за народна просвета.
Со усвојувањето на правописот на македонскиот јазик се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик, по воведувањето на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава (2 август 1944) и усвојувањето на македонската азбука (5 мај 1945).

– Оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик. Тоа е така бидејќи нашиот јазик е нашиот идентитет. Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тоа е така, затоа што тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза.

Нашата грижа за правописот на македонскиот јазик, додава тој, ја покажавме со поставувањето бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик на интернет достапен за секој граѓанин www.pravopis.mk.

– Наскоро Правописот на македонскиот јазик ќе биде поставен и во интерактивна пребарувачка форма на платформата www.makedonski.gov.mk, каде што заедно со Толковниот речник ќе претставува уникатно место на кое се поставени двете најважни научни публикации за македонскиот јазик ќе бидат едноставно достапни на сите наши граѓани, на нашите сонародници од севкупната македонска дијаспора и останатите заинтересирани поединци, научници и деловни луѓе во целиот свет, без никаков надомест.
Убеден сум дека, како што ние денес ги славиме големите и значајни јубилеи на македонскиот јазик, така и идните генерации Македонци ќе ги слават сите идни годишнини на македонскиот јазик.