Безбедноста во сообраќајот
Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема „Безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Македонија“ открива сериозни недостатоци во управувањето со безбедноста на патиштата. Во периодот од 2020 до 2023 година, на патиштата во државата се случиле 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 имале потешки последици, а загинале 457 лица.
И покрај мерките и активностите на надлежните институции, кои придонесуваат за подобрување на условите за безбедност во сообраќајот, ревизорите утврдиле дека тие не се ефикасни за намалување на жртвите до посакуваното ниво на национално и европско ниво.
„Мерките и активностите на институциите, иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Неуспех на стратегиите и системски пропусти
Втората Национална стратегија за безбедноста на сообраќајот на патиштата (2015-2020) била последната донесена стратегија за подобрување на безбедност во сообраќајот.
Нејзините цели вклучувале:
- намалување на жртвите до просекот на ЕУ
- намалување на младите возачи-жртви за 30%
- сериозно повредените за 40%
- сведување на децата-жртви на нула.
Ревизијата покажала дека ниту една цел не е постигната: во 2020 година, бројот на жртви не го достигнал европскиот просек, имало 8 деца-жртви, а сериозно повредените (801 лице) не биле намалени за 40% во однос на 2009 година (985 лица). Категоријата „млад возач“ не била дефинирана, па целта за 30% намалување не била мерлива.
Од ДЗР утврдиле дека од 2015 година не е направена евалуација на ефектите од планираните мерки и активности, ниту извештај за степенот на реализација на стратегијата, поради отсуство на Координативно тело формирано од Владата.
По 2020 година, нова национална стратегија не е изготвена, а политиките за безбедност во сообраќајот се спроведуваат преку други документи, како Националната транспортна стратегија (2018-2030) и Стратегијата за интелигентни транспортни системи (2023-2032), во координација со надлежни институции.
Овие стратегии, со трошоци од 12,9 милиони денари (ИПА 1) и 17,7 милиони денари (Светска банка), имаат бавна реализација, што предизвикува неефикасно користење на средствата, продолжување на роковите и нови трошоци.
„Отсуството на нова национална стратегија по 2020 година и бавната реализација на активностите го попречуваат напредокот во безбедноста на патиштата“, велат од ДЗР.
Системски недостатоци и препораки
Ревизорите утврдиле дека во периодот 2019-2023 година, Македонија, во споредба со земјите од Западен Балкан освен Косово, има помал број загинати лица во сообраќајни незгоди на милион жители. Сепак, системските недостатоци остануваат значајни. Базата на податоци на МВР за незгоди не е целосно усогласена со CADaS протоколот на ЕУ. Ова се случува поради отсуство на географски координати за локациите на незгодите, предизвикано од недоволна техничка опрема. Анализите покажале дека незгодите најчесто се случуваат дење (59%), при сончево време (45%), во населени места (63%) и на сува површина (79%). Овој податок укажува дека условите на патот не се главна причина. Најмногу незгоди се регистрирани во Скопје (41%), Тетово (14%), Битола и Охрид (9%).
Најчести прекршоци се брзото возење, поминувањето на затворен сигнал, неправилното престигнување и недавањето првенство. МВР исклучува возачи без дозвола и под дејство на алкохол, но техничките ограничувања на апликациите го спречуваат планирањето на нови мерки. Системот „Safe City“ не се користи за документирање прекршоци поради законски пречки. Регистарот на возила не е воспоставен поради неизготвен подзаконски акт.
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) води катастар и брои сообраќај, но патиштата се слабо одржуван. Патиштата се со несоодветна сигнализација и висока опасност на делници. Заем од 52 милиони евра од Светска банка (2014) бил наменет за подобрување на патиштата, но ефектите се ограничени. РСБСП потрошил 37 милиони денари (2019-2023) за едукативни кампањи. Нивниот ефект не се мери, а 2 милиони денари од технички станици се ненаплатени. Опрема од 7,3 милиони денари, набавена во 2020 година, останува неискористена.
„Собранието не донесе Стратегија за развој и одржување на патиштата од 2008 година, а РСБСП не го мери ефектот на кампањите“, велат од ДЗР.
ДЗР препорачува нова стратешка рамка, зајакнување на капацитетите и мониторинг за подобрување на безбедност во сообраќајот.
Извор: Republika