Според предложенииот текст на Законот се пропишува одредба со која стапките на данокот за недвижен имот кој не се користи од страна на сопственикот или не се издава под закуп подолго од шест месеци во текот на една година, а е во сопственост на државата, во сопственост на општините или на Град Скопје, како и во сопственост на физички и правни лица, да се зголемува за три пати во однос на стапките пропишани со Законот. Во контекст на наведеното, со овие предложени измени на законот, физичките, правните лица, државата и општините по однос на обврските и правата во делот на даноците на имот ги прави целосно еднакви пред Уставот.
Исто така, за три пати во однос на основната, се зголемува стапката на данокот на имот на земјоделското земјиште кое не се користи за земјоделско производство. Оттука, практично во овој дел се предлага да се избрише одредбата со која стапката беше за пет пати повиска.
Дополнително, во предложените измени се пропишува и тоа дека државата, општините и Градот Скопје, како и физичките и правни лица, кои нема да пријават дека одреден недвижен имот не го користат, ќе платат данок кој ќе биде за пет пати повисок од пропишаниот.
Со оглед на тоа што во пракса се покажа дека општинската администрација при администрирање на данокот на промет има проблем со прифаќање на пазарната вредност во случаи кога има Договори за купопродажба каде износот е драстично повисок од проценетата пазарна вредност согласно Методологијата за утврдување на пазарна вредност на недвижниот имот која е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, во овој предлог закон се предлага како пазарна вредност во тие случаи да се земе договорната цена.
Во текот на дебатата пратеникот Здравко Трајанов од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека со законот ќе бидат оштетени припадниците на средната класа и оти на власта наместо да се бори со сивата економија, полесно и е да собира данок и тоа во услови на пандемија и светска криза.
– Милион студии покажа дека со зголемување на даноците не се постигнува ништо, посебно со зголемување на даноците на средната класа, рече Трајанов.
Заменик министерот за финасии Димитар Ковачевски, истакна дека не се согласува со ставовите на Трајанов, нагласувајќи дека целта на законот е да се направи репроценка за да може да се оданочува имотот во земјава според вистинската вредност. Тој нагласи дека ова не е приход на централниот буџет, туку на општините и дека се работи за оданочување на имот кој што не е во употреба, а кој е повеќе од едно живеалиште кое го имаат граѓаните.
– Нема средна класа со три, со пет стана, со четири куќи. Овде се работи за оданочување на имот што не се користи. Доколку имотот се стави во економска функција, а тоа е основната функција на овој закон, да биде издаден или искористен, тогаш тој не се оданочува со зголемени стапки, рече Ковачевски.
Тој истакна дека во државата има и голем број имоти како детски одморалишта и други типови на комунални објекти кои никој не ги користи, а за кои граѓаните плаќаат одржување, обезбедување итн, што е само трошок за кој општините и другите институции немаат интерес да ги менаџираат. И овие имоти ќе бидат тројно оданочени.
На ова реплицираше Трајанов, кој рече дека за него е спорно што викендиците не се изземаат од законот, бидејќи во катастарот нема таков термин, туку постојат само куќа или стан. Според него, не е алиби за законот државата да си плаќа сама на себе.
Маја Морачанин од ДОМ рече ќе го поддржат ова законско решение, бидејќи повеќе оди во прилог на средната класа и социјално ранливите категории граѓани, а не на олигарсите.
– За да постигнеме социјална правда и намалување на неееднаквоста во општеството, мора да се воведат вакви законски решенија со коишто оној кој има повеќе објекти кои дополнително не ги ни користи, туку стојат и пропаѓаат, ќе плаќа поголем данок. Така е и насекаде во западноевропските држави, затоа тие имаат солидна средна класа и затоа се намалува тој индекс на нееднаквост, рече Морачанин.
Атнан Незири од Алијанса за Албанците смета дека државата не е подготвена и не постојат услови за спроведување на ова законско предлог-решение во пракса, како во делот на недвижниот имот, така и за земјоделското земјиште, имајќи го предвид досегашното искуство. Според него, за вакво решени потребно е да имаме развиена економија и инспекциски контроли.
– Во реализацијата на целите на законот потребна е промена на менталитетот, култура, свест, и ослободување на системот од политиката. Откога ќе се создадат овие услови, за кои со оглед на динамиката кај нас е потребно многу време, тогаш може да се спроведе како закон кој може да има позитивни ефекти. Во спротивно ќе ја има судбината како персоналниот данок кој немаше соодветен ефект, рече Незири.
На седницата беа разгледани и уште неколку предлог на закони за кои расправата заврши, а за нив ќе се гласа дополнително.
По редовната пауза Собранието ќе продолжи со расправа по точките од двениот ред на 34. седница.