Американскиот претседател Џо Бајден ја изрази длабоката загриженост на САД и на европските сојузници за руската ескалација на сила околу Украина, давајќи до знаење дека САД и сојузниците ќе одговорат со силни економски и други мерки во случај на воена интеревенција, се наведува во електронската пошта испратена од Белата куќа до американските медиуми по денешната видео конференциска врска меѓу Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.
Според „Вашингтон пост“, разговорот започнал со кратки изрази на учтивост.
– Добредојде, г-н претседател, рекол Путин.
– Добро е што се гледаме повторно. Не се видовме на самитот Г-20. Се надевам следниот пат ќе се сретниме лично, одговорил Бајден.
Пораката на Кремљ е САД да ветат дека нема да дозволат Украина да влезе во НАТО, гаранции за тоа НАТО да се не шири на исток, на пример до Грузија, и да не се изведуваат воени активности во и околу Украина.
Ваква порака се очекуваше да биде испратена денеска од Путин.
Од друга страна, Бајден во петокот изјави дека САД немаат намера да потклекнат на руските барања.
– Не прифаќам никакви црвени линии, изјави тогаш тој.
Во текот на разговорот, Бајден изразил поддршка за територијалниот суверенитет и интегритет на Украина, и повика на деескалација и прибегнување кон дипломатија, се вели во соопштението.
Разговорот траел два часа, на крајот лидерите им дале задачи на своите соодветни тимови дека меѓусебно ќе се информираат за постигнатото.
На брифингот за новинарите синоќа, портпаролката Џен Псаки истакна дека целта на Бајден не се променила од самиот почеток – да не ескалираат тензиите со Русија, туку „да се придвижиме кон постабилен терен во нашите односи“.
Таа посочи дека никому не му е јасно дали Путин има донесено одлука за инвазија на Украина и дали тоа навистина ќе се случи.
Весникот се повикуваа на разузнавачки документ и официјални извори според кои 175.000 руски војници се стационирани околу границата и дека се планира мулти фронтална офанзиава на Украина на почетокот на 2022 година.
Но, никој во администрацијата не одговара колку далеку можат да одат САД, вклучитено и употреба на воена сила, во случај Русите навистина да нападнат и извршат инвазија на земјата.
Руски опозициски политичари, вклучително и остри критичари на Путин, како Андреј Иларионов, поранешен негов советник по економски прашања, укажуваат дека е малку веројатно да се случи воен напада на Русија врз Украина, и дека она што моментално се говори во САД е пропаганда подготвена од јастреби во американската армија.
Според ескпертите, разместување на воена сила и техника е само начин Путин да биде слушнат од Западот кој воопшто не треба да размислува за поставување ракетни системи на НАТО на територијата на Украина, слични на оние поставени во Полска и Романија и да не изведува провокативни воени вежби во Црното Море, вклучително и летови на стратешки бомбардери во близина на воздушните граници на Русија.
– На овој начин САД се повикуваат да бидат сериозни околу руската загриженост и да се отвори продуктивен дијалог за решавање на проблемот, изјави Димитриј Тренин, директор на Центарот Карнеги во Москва.