Заврши првиот ден од собраниската расправа за ребалансот на Буџетот. Расправата продолжува утре напладне, а согласно Деловникот за работа, таа може да трае најмногу пет работни дена.
За време на денешната расправа, власта и опозицијата ги спротиставија ставовите и додека за власта ребалансот е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања, за опозицијата земјава е банкротирана и со брз чекор се движи кон рецесија и сиромаштија.
Министерот за финансии Фатмир Бесими од собраниската говорница порача дека со ребалансот на Буџетот се дава поддршка за повисоки пензии, повисоки плати, субвенции за поддржување на земјоделците и низа антикризни мерки.
Во Дополнетиот ребаланс на Буџетот се вградени амандмани со кои се обезбедуваат дополнителни 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на првичните проекции на Буџетот, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или се околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари, а економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од пет проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.