Изборот на професорката Јадранка Дабовиќ Анастасовска за уставен судија беше главна тема на претпладневната расправа на денешната седница на Собранието на Република Северна Македонија, пренесе А1он.
Владејачкото мнозинство ја бранеше оправданоста за актуелниот кандидат, додека дел од пратениците на опозицијата забележаа дека сите избори на уставни судии ги следат контроверзии, но и оти Собранието треба да најде јасна процедура за начинот на избор на уставни судии, како и да им се овозможи на кандидатите да се претстават пред Собранието за полесно да бидат оценувани од пратениците.
Според пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО – ДПМНЕ, иако декларативно, СДСМ имала афинитет тоа да се подобрат, на крајот од мандатот ниту една работа не била подобрена.
– Немаме претставување на кандидатите, немаме дефинирање што е истакнат правник, ниту јасна процедура како се бираат уставни судии. Процедурата беше прекршена и во делот на бирањето, бидејќи станавме како интернет шоп, некој ќе се јави во Собранието ќе рече тој уставен судија и толку. Тоа не го заслужува Собранието, и парламентарната демократија во Македонија, не го заслужува пред се граѓанинот на РМ. Најмалку што можевме и во вакви околности е да обезбедевме претставување на кандидатите од страна на пратениците, рече Трајанов.
За пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ, Дабовиќ Анастасовска таа е вистински избор, бидејќи, како што рече, ни требаат професионални кадри. Навраќајќи се на нејзината биографија, кажа дека професорката целиот свој работен век го посветила на науката, по завршувањето на студиите, магистрирала, докторирала и ја развивала својата научна дејност на Правниот факултет „Јустинијан први“. нејзината научна дејност, како што нагласи, е позната не само во државата, туку и надвор од неа.
Калеска Ванчева се осврна и на предизвиците со кои се соочува Уставниот суд, забележувајќи дека како парламентарно мнозинство не седнале да разговараат за начинот на регулирање на работата и поставеноста на Уставниот суд.
– За мене е несватливо Уставниот суд уште да работи согласно деловник, кој уставните судии го носат. Крајно време е да се донесе Уставен закон, деловникот е потребен, но тој има сосема друга улога и неможе да го замени уставниот закон. И после 30 години не успеавме да изградивме консензус и да имаме Уставен суд по на лик на сите современи демократии. Се надевам дека после лошите времиња за Уставниот суд доаѓаат и подобри, рече Калеска Ванчева.
Олга Лозановска, пратеничка од ВМРО – ДПМНЕ нагласи дека и предлозите на опозицијата за избор на уставен судија биле истакнати правници, кои својата професионална кариера ја граделе постапно и се изградиле во врвни стручњаци, за кои опозицијата не сакала да дискутира.
– Уставниот суд треба да биде бастион на правото и секој закон донесен од Уставен суд не смее да биде оспоруван, рече Лозановска.
Пратениците на опозициската ВМРО – ДПМНЕ забележаа на политичката определност на професорката Дабовиќ Анастасовска, која била член на Советот на Град Скопје од 2005 до 2009 година, но и актуелен член на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување. Тие не изоставија да ги споменат ниту критиките во Извештајот на Европската комисија во делот на судството.
Пратениците на денешната седница ги разгледаа и предлог одлуките за изменување на Одлуката за именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, за избор на директор на Оперативно-техничката агенција – ОТА, за распишување јавен оглас за избор на здружение од областа на човековите права, полициското право и правосудството за механизмот за граѓанска контрола во состав на Народниот правобранител, за огласување именување на Јавен обвинител на Република Северна Македонија и за давање согласност на Статутот на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје. За гласањето по овие точки, како и за продолжението на 131. седница јавноста дополнително ќе биде известена.