Според директорката на УЈП, Сања Лукаревска, за четири години, преку „Мој ДДВ“, кај граѓаните се вратени 6,6 милијарди денари или 107,5 милиони евра. Во овој период, според структурата на корисниците, 293.348 се жени и 245.571 се мажи, а во десетина градови во Македонија граѓаните најмногу скенираат фискални сметки. Топ-10 градови се: Штип, Валандово, Кичево, Битола, Велес, Скопје, Прилеп, Кочани, Неготино и Гевгелија. Најмногу скенирани сметки се од синџирите маркети и бензински пумпи, а најбројни меѓу корисниците што скенираат сметки се оние на возраст од 31 до 50 години, пренесува Вечер.
„Мој ДДВ“ е успешен проект со кој за четири години кај граѓаните се вратени 6,6 милијарди денари или 107,5 милиони евра. Како што информира директорката на УЈП, Сања Лукаревска, луѓе на различна возраст скенираат сметки, а според структурата на корисниците на „Мој ДДВ“, 293.348 се жени и 245.571 се мажи.
– До 18 години се 2.596 лица со вкупно над два милиона скенирани сметки, од 19 до 30 години се 99.749 со над 156 милиони скенирани сметки, од 31 до 50 години се 243.202 корисници со вкупно над 508 милиони скенирани сметки, од 51 до 61 година се 93.673 корисници со вкупно над 203 милиони скенирани сметки и над 61 година се 78.278 корисници со над 150 милиони скенирани сметки – вели Лукаревска.
Според презентираните податоци за регистрирани корисници на „Мој ДДВ“ низ годините, во 2019 имало 213. 055 корисници, во 2020 нови 149.753, додека во 2021 нововклучени се 74.668 корисници. Во 2022 година, дополнително се вклучени нови 70.314 и во 2023 нововклулени се 31.129 или вкупно 538.919 корисници.
Лукаревска сподели и податоци за исплата на „Мој ДДВ“ по години. Така, во третото и четвртото тримесечје во 2019 година биле исплатени 155.344.780 денари, во 2020 година 1.270.015.383 денари, во 2021 година 1.787.906.568 денари, додека, пак, во 2022 година – 2.164.342.418 денари. За првото тримесечје од годинава се исплатени 1.235.036.033 денари.
Топ-10 градови каде што граѓаните најмногу скенираат фискални сметки се: Штип, Валандово, Кичево, Битола, Велес, Скопје, Прилеп, Кочани, Неготино и Гевгелија. Најмногу скенирани сметки се од синџирите маркети и бензински пумпи.
Лукаревска нагласи дека проектот позитивно се одразува и врз подигнувањето на даночниот морал, досега биле поднесени 5.632 претставки за неиздадени фискални сметки. Со тоа, според неа, се намалуваат нелојалната конкуренција и сивата економија. Засега, посочи Лукаревска, најбројни се корисниците од 31 до 50 години што скенираат сметки.
Задоволен од постигнатите резултати е и министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој смета дека системот на враќање на дел од ДДВ-то на граѓаните овозможил секој граѓанин да стане даночен контролор за своите потрошени пари и да биде награден за тоа преку враќање на дел од данокот.
– Оваа мерка ја остварува својата цел за која е воведена, а тоа е намалување на сивата економија и зголемување на евидентираниот промет преку фискалните системи на опрема. Низ годините се евидентираат зголемен број корисници и зголемени износи за враќање на дел од данокот, како и зголемени приходи од ДДВ. Од оваа година, со донесените законски измени предложени од Министерството за финансии, на граѓаните им се врши и зголемен поврат – од 1.800 денари на 2.100 денари во едно тримесечје – потсети министерот Бесими.