Ако можеше случајот „Сопот“, па и „Монструм“, кој поради една изјава на Зоран Заев кога беше во опозиција и кажа дека обвинетите не се сторители, не гледам зошто овие т.н. терористи според Кацарска и Зоран Заев, според новите докази што ги имаат бранителите, да не го почнат од почеток процесот и да докажат дека не се терористи, но сториле прекршување на законот, а не затоа што некој нарачал и дивеел со судските одлуки. За тоа најдовме разбирање, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата во Вила Водно со претседателот Стево Пендаровски.

Вчерашната средба немаше заедничко соопштение. Претседателот на државата и лидерот на најголемата опозициска партија одделно ги кажуваа нивните ставови и оценки за настанот.

Претседателот Пендаровски го потврди неговиот став дека ако има нови докази, кои порано не биле познати може да се преотвори процесот, но, потенцира дека со тоа не заговара преотворање на процесот, туку ја цитира одредбата од Законот и законската можност, според која тие луѓе преку своите адвокати, по вонреден правен лек, можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, ако такви воопшто постојат.

– И одлуката дали процесот ќе биде повторен сигурно нема да ја носи некој политички фактор, туку судот, изјави претседателот Пендаровски за случајот „27 април, потенцирајќи дека со таа негова теза, не прави ревизија на судската пресуда, бидејќи не гледа причина за тоа зашто е, како што рече, завршена работа и луѓето се во затвор, ниту смета дека пресудата е донесена без докази.

Прва средба на Мицкоски и Пендаровски откако лани во август ВМРО-ДПМНЕ ги замрзна односите со претседателот бидејќи тој му го додели мандатот за нова влада на Заев.

Темата за повторно судење за 27 април беше отворена после протестот организиран од македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија. Од протестот беше побарано Врховниот суд да ги поништи пресудите против сите осудени за настаните во Собранието и да го обнови судењето поради дополнителни докази за лажни изјави на сведоци и селективен избор на докази и сведоци против обвинетите.

Во Македонија постои судска пракса, дел од случаите за кои има основано сомневање дека биле политички инструирани, да има повторно судење.

За потсетување, случајот со предметот „Монструм“, во кој засегнатите лица се осудени за тероризам и во кој, во 2012 година свирепо беа убиени четири млади момчиња и еден рибар и покрај тоа што за осудените лица имаше правосилна пресуда, предметот беше вратен на повторно судење, кој на крајот од процесот повторо беа потврдени пресудите. Но, сепак добија можност повторно да ја докажуваат нивната невиност. Можност за повторно судење доби и случајот „Сопот“, при што осудените лица, по долги години лежење во затвор добија ослободителни пресуди.

Оттука, се поставува прашањето зошто и последниот случај кој ја бранува јавноста и за кој се почесто и погласно се зборува дека треба да се врати на повторно судење, за настаните во македонското Собрание од 2017 година, наречен 27 април, не се постапи исто?

Се почести и погласни се повиците и на политичките чинители и на правната фела, дека овој случај не е тероризам и овие лица кои сега лежат во затвор, како претходните неколку, заслужуваат правично судење преку повторно отворање и враќање на случајот од почеток. Откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по масовниот протест за поддршка на осудените уставобранители  кажа дека треба да има ново судење за 27 април, бидејќи казните се драконски и делото за кое треба да одговараат е насилство а не тероризам, со истото прво се согласи претседателот Стево Пендаровски.

-Јас луѓето првично ги прашував околу мене за какво кривично дело се гонат, јас знам дека такво кривично дело мислам формулација таква немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 90-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи што влегоа, изјави Пендаровски во гостување на Канал 5.

Претседателот подоцна за агенцијата МИА прецизираше дека не планира да даде помилување на осудените лица. Но, неговата изјава предизвика реакции и кај владејачката СДСМ, но и кај албанскиот опозициски блок.

Иако првично беше категорично против, премиерот Зоран Заев исто така го омекна ставот и вели дека ако има нови докази тогаш треба да има повторно судење за настаните за 27 април, односно за лицата кои се гонат за „Терористичко загрозување на уставниот поредок на Македонија“.

-Секој има право да отвори постапка за повторување на судење, доколку има нови докази, нови аргументи, а Судскиот совет е надлежен да одлучи за тоа. Ако се случуваат непринципиелни работи надвор од вредностите во коишто живее и верува огромно мнозинство од нашиот народ, тогаш значи системот на казнување губи смисла. Така што, секако никако помилувања, никако амнестии во тој дел. Правото како и сите граѓани го имаат и тие коишто се осудени за настаните од 27-ми април, ако има некои нови докази, ако има нови моменти. Секако како и сите и тие го имаат тоа право, изјави Заев ден пред средбата Мицкоски – Пендаровски.

Коалициониот партнер на Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети, смета дека квалификацијата „тероризам“ е претешка за учесниците во настаните од 27 април во Собранието.

-Овие настани се болни. Применето е насилство врз народните избраници, применета е бруталност, но не и тероризам. Се знае што значи тероризам и каква квалификација е „тероризам“. Така што, мислам дека органите на правдата треба да ја разоткријат целата ситуација, бидејќи станува збор за комплицирана ситуација, изјави Ахмети.

Од друга страна, за албанската опозиција е неприфатлива тенденцијата на претседателот и политичарите за директно вмешување во судството. Правдата во Македонија се закопа! Судството и обвинителството преминуваат во рацете на македонските политичари и на неколку сервилни Албанци фатени со хипотеки по фиоки, реагираа денеска од опозициската коалиција на Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива.

-Една земја што овие денови претендира да добие датум за отворање на преговори за ЕУ, на политички состаноци донесува одлуки за судски постапки. Во вилата на претседателот, Стево Пендаровски, и претседателот на македонската опозиција, Христијан Мицкоски, за најтешкиот терористички акт – нападот врз највисоката институција и народните избраници, одлучуваат и вршат притисок над судството и обвинителството. За да го легитимираат овој скандал, му порачуваат на претседателот на албанската партија во владата, Али Ахмети, да излезе и јавно да пресуди дека на 27 април не се случи терористички акт, додека тие помалите од партијата не смеат ни уста да отворат, велат од АА и Алтернатива.

За „крвавиот четврток“ првично беа обвинети 33 лица кои се гонеа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок. Од нив, 15 беа амнестирани со закон во Собранието.

Можно ли е повторување на процесот?

Шефицата на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, коja ги поднесе обвиненијата за учесниците во упадот од 27-ми април, во интервју за „360 степени“, рече дека недозволиво е лидерот на најголемата опозициска партија и претседателот на државата да коментираат судски одлуки.

-Кога државата очајно се обидува да добие датум за преговори со Европската Унија, вакви несреќни изјави само нè оддалечуваат од тој датум. Ако го добиеме тој датум, прво се започнува со поглавјата 23 и 24, а тоа се правосудство и владеење на правото. Сметам дека лидерот на најголемата опозициска партија, кој може на следни парламентарни избори да стане премиер на оваа држава, а уште помалку претседателот на државата, може да си дозволат да коментираат судски пресуди, ниту квалификации. Тоа не е нивна работа. Според мене, со тоа се врши директен политички притисок врз работата на судовите. Од друга страна, сите бранители на осудените најавија поднесување на вонредни правни лекови до Врховниот суд. Е сега, доколку Врховниот суд најпрофесионално го сработи предметот и најде дека пресудата треба да се укине, вие како граѓанин што ќе помислите?“, изјави Русковска.

За судијката Добрила Кацарска пак, која во првостепена постапка досуди 211 години затвор за обвинетите во случајот, не гледа ниту причина, ниту потреба за повторување на процесот.

-Жално е што секој еден граѓанин се впушта во оценка на висината на казните, иако пред себе ги нема доказите. Не може да стане збор за драконски казни ако се работи за конкретното кривично дело каде што е запретена најниска казна од 10 години затвор. Жалам што јавноста немаше можност да ги види сите оние снимки што ние ги гледавме во судница. Доколку јавноста ги гледаше сите тие снимки како се тепаат пратеници и надвор од прес центарот со клоци тупаници противпожарен апарат сигурно нема да има коментари дека станува збор за драконски казни, е ставот на Кацарска изнесен кон крајот на април за Канал 5 телевизија.

Според адвокатот Звонко Давидовиќ, кој во своето долгогодишно искуство беше бранител во големите случаи како Ореше, Калдрма и Фаланга 2, случајот со 27-ми април ја покажа нееднаквоста пред законите, како и селективноста на правдата, а судството е политизирано и клиентелистички насочено.

– Ова судење беше многу чудно и ја покажа во целата своја тежина и во полна светлина она што постојано го тврдиме дека еднаквост пред законите нема, дека правдата во Република Македонија е селективна и дека често пати жешкиот костен од политички причини му се дава на судството и на Обвинителството, како што беше направено во овој случај па по тоа се виде дека судии и обвинители решаваа кој ќе може да ја добие амнестијата, вели адвокатот.

И поранешниот професор по кривично право, Гордан Калајџиев, смета дека случувањата од 27 април во Собранието не е класичен тероризам, како и дека казните кои се изречени за истото се драконски.

– Ова дело не е класичен тероризам, ние класичен тероризам го имаме како дела против државата, но е многу блиску до тие дела затоа што за нив се бара намера за внесување на страв несигурност, тероризмот е начин на сеење на страв со опасни дејствија. Во овој случај имаме различни групи и индивидуи чии намери се различни, а намерата е многу деликатна за да се одреди, ако го земеме во предвид едно друг случај како што е „Монструм“, од субјективната страна за тоа која е намерата може да биде тероризам, може да биде и дел од омраза, јас сум убеден и мислам дека подобра квалификација за тоа дело би било дела од омраза, вели Калајџиев.

Значи, се почесто и се погласни се барањата за повторување на судењето за настаните во Собранието од 2017 година. Како и на неколкуте други случаи од кои некои ги споменавме погоре, така и на лицата обвинети за овој настан треба да им се даде можност за повторување на случајот, со цел да се тргнат дилемите за евентуални досегашни политички влијанија, така и одбраната да ја докажува невиноста на обвинетите лица, а обвинителството да ја докажува вината.

После сето ова, се очекува органите на правдата да се стават на висина на задачата и предметот да го вратат од почеток на повторно судење.