Македонија денес одбележува 122 години од смртта на Гоце Делчев, македонски национален херој и клучен деец на Македонската револуционерна организација. Ѓорѓи Николов Делчев (1872-1903) бил идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век. Тој загинал на 4 мај 1903 година во борба кај селото Баница, Серско.

122 години од смртта на Гоце Делчев: Ран живот и образование

Гоце Делчев се школувал во родниот Кукуш, каде завршил прогимназиско образование (1879-1887), потоа во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, каде раководел таен ученички револуционерен кружок, и во Военото училиште во Софија (1891-1894). По враќањето во Македонија во 1894 година, работел како учител во Ново Село, Штип.

Револуционерна дејност

Во Штип, Делчев се сретнал со Даме Груев и се вклучил во раководството на ВМОРО. Тој ја проширил мрежата на Организацијата во 1895 година, организирал тајни канали преку Виница и учествувал на советувања во Солун со водечки личности како Груев и Пере Тошев. Назначен за директор на училиштето во Штип, тој отпатувал во Софија како ополномоштен од ЦК на ВМОРО за разговори со Македонскиот комитет, но тие биле неуспешни. Организирал пунктови на ВМОРО во Ќустендил и Дупница, а во Штип организирал протестна демонстрација против власта.

Организација и лидерство

Делчев учествувал на Солунскиот конгрес, каде била усвоена нова идеологија и стратегија на ВМОРО. Со Ѓорче Петров ги изработил новиот Устав и Правилник на Организацијата. По неколку апсења, тој се откажал од учителската должност и целосно се посветил на македонското ослободително дело. Како задграничен претставник во Софија, испратил писмо до католичкиот надбискуп во Пловдив, барајќи политичка автономија за Македонија. Тој организирал тајни канали, курирска служба и производство на бомби, станувајќи основач на Четничкиот институт и творец на првите организациско-агитациони чети.

Последни активности и смрт

Делчев извршил неколку инструктивни обиколки низ Одринско и Македонија за зацврстување на редовите на ВМОРО. Жестоко го осудил Горноџумајското востание и се спротивставил на решението за масовно востание од Солунскиот конгрес во 1903 година. На 3 мај пристигнал во селото Баница, Серско, каде турската војска го опколила селото. На 4 мај 1903 година, во борба, загинал Гоце Делчев, бескомпромисен борец за самостојна македонска држава.