Подготовката за собраниската седница предвидена за 13 јануари на која амбасадорот на Франција во земјава, Сирил Бомгартнер ќе ги презентира приоритетите на француското претседателство со ЕУ, беше една од главните теми на денешниот заседание на Националниот совет за евроинтеграции.
Според најавите, на собраниската седница на 13 јануари, покрај Бомгартнер, ќе присуствуваат и амбасадорите на Германија и Чешка во Скопје, Анке Холштајн и Мирослав Томан, како и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Претседател на Националниот совет за евроинтеграции и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека непримерно и недозволиво е што Министерството за надворешни работи не реагирало за ставовите на лидерот на бугарската партија Има таков народ, Слави Трифонов, кој стартот на преговорите на Македонија со ЕУ го поврза со укинувањето на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната.
– Недозволиво е да не се реагира на вакви изјави. Да имаше изјава обратно од оваа страна, да речеме претседателот на СДСМ или на ДУИ да имаа ваква навредлива изјава кон Бугарија и бугарскиот народ, бидете убедени дека амбасадорот, кој што за жал го немаме во Софија, односно во случајов претставник на македонската Амбасада, ќе беше повикан и ќе му беше испратена протесна нота од бугарското МНР, изјави Николоски.
Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ, нема да поддржи решение со Софија кое би било надвор од Резолуцијата усвоена во Собранието со која беа исцртани црвените линии на земјава.
За членот на Националниот совет за евроинтеграции Зекир Рамчиловиќ, кој е од редовите на коалицијата предводена од СДСМ, изјавите на Трифонов се негов личен став, желби и видувања, од кои не зависат преговорите на земјава со Унијата.
– Верувам во она што се најавите од новиот бугарски премиер дека работите ќе се одвиваат во друга насока, изјави Рамчиловиќ, изразувајќи надеж за брзо започнување на преговорите на земјава со ЕУ.
Тој го повтори очекувањето дека бугарските барање нема да бидат дел од преговарачката рамка на земјава со ЕУ, ниту пак услов за започнување преговорите со Унијата.
Според Рамчиловиќ, не би требало да дојде ни до одвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, бидејќи со тоа би била упатена погрешна порака не само за граѓаните на земјава, туку и за целиот регион.