Колумна на м-р. Стојанче Геровски:

Со декриминализацијата на навредата и клеветата беше донесен Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Со овој закон се уредува граѓанската одговорност за штета нанесена на честа и угледот на физичко или правно лице со навреда и клевета. Како едно од основните начела на кои се потпира овој закон е гаранцијата на слободата на изразување и информирање како една од битните основи на демократското општество.

Со тоа, ваквиот став на Владата за предлог за измени и дополнувања на Законот со вметнување на изразот „негативно мислење“, а сега со предлози за вметнување на друг поим – „со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или…“, не само што е неразумен, но истиот е спротивен на Уставните гаранции, спротивен е на Универзалната декларација за човекови права, спротивен на Европската конвенција за заштита на основните човекови слободи и права, но спротивен е и на самиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со што ваквите измени и дополнувања би биле неодржливи.

Имено, „Основните начела“ на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, децидно предвидуваат дека „Законот ја гарантира слободата на изразување и информирање како една од битните основи на демократското општество“.

Ограничувањата мораат да бидат во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и практиката на Европскиот суд за човекови права.

Во тој смисол, законодавецот веќе бил дециден кога предвидел примена на одредбите на Европската конвенција за заштита на основните човекови права и ставовите на Европскиот суд за човекови права содржани во неговите пресуди.

На тој начин, Европскиот Суд за човекови права во Стразбур, веќе се има произнесено со образложен став дека мора да се прави јасна дистинкција помеѓу информации (факти) и мислења (вредносни оценки), нагласувајки „Постоењето на факти може да се демонстрира, додека вистинитоста на вредносните оценки (мислењето) не е подложна на докази“.

Ваквиот став на судот произлегува од моментите што мислењата се гледишта или лични проценки за некој настан или состојба и не се предмет на докажување дали се точни или погрешни.

Имајки го предвид Соопштението за јавноста, изречено од страна на Министерството за Правда, преку ставот – „Интенцијата на работната група со ваквата формулација била во насока дека негативното мислење се однесува на нарушувањето на чест и углед во контекст на омаловажувачкото и понижувачко мислење, а не надвор од тоа“, само потврдува дека Владата воопшто не се отакжува од поимот „негативно мислење“, но истовремено, истиот го продлабочува со додаден став – „ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет…“.

Тоа потврдува дека не само искажаниот збор, но очевиден идентитет веќе навлегува во сверата и на изразената карикатура, со што истото ќе биде предмет на недозволена анализа во делот на покорување на граѓаните и враќање на цензурата. Тоа ги наметнува претпоставките како би завршиле скечевите примерно искажани од типот на популарното македонско хумористично телевизиско шоу „К-15“ во вакви околности.

Ставот дека „Клучниот аспект е драстичното намалување на висината на справедлив паричен надоместок за нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета“ како овозможување на правото на слобода на изразување како едно од темелните човекови права е неприфатлив. Неприфатливоста произлегува од два момента:

Прво: Паричен надоместок како нематеријална штета за искажано мислење во никаков правец не претставува правото на слобода на изразување.

Второ: Во граѓански закон целосно неуставно е да се предвидува висина на нематеријална штета за повреда на лични права.

Неуставноста на ваква одредба значи дека истата може да биде предмет на анализа од страна на Уставниот суд, а по нејзино укинување, висината на нематеријалната штета легитимно ќе бидат оставени во рацете на судечкиот судија.

Изнесеното претставува дел од многу посеопфатна анализа која не навоѓа место во предметното изнесување.

Ваквите ставови на Судот, произлезени од Европската конвенција, навоѓаат своја примена и во домашното законодавство, но и во Уставните гаранции од Уставот на Република Македонија, а кои предвидуваат:

– Гарантирање на слободата на мислата;
– Гарантирање на примање и пренесување на информации;
– Гарантирање за забрана на цензурата;
– Гарантирање дека ограничувањата не можат да се однесуваат на мислата.

Ваквите ставови навоѓаат своја примена и од Универзалната декларација за правата на човекот, а кои предвидуваат:

– Право на слобода на мислење и изразување за секого;
– Правото да не биде вознемируван за своето мислење;
– Правото да бара, прима и шири информации и идеи со било кои средства“.

Ваквите ставови навоѓаат своја примена и во Конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, а кои предвидуваат:-Слобода на изразување;

– Слобода на мислата;
-Слобода на примање и ширење информации или идеи.

Не може да постои законитост во постапката во услови на одредби кои се во спротивност со Уставот, со законите, со меѓународните одредби, со ставовите на Европскиот суд за човекови права.

Од изнесеното, предлогот за измени и дополнувања на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, во делот на додавање на поимот „со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење…“, а со кој се дообјаснува претходно поставеното „НЕГАТИВНО МИСЛЕЊЕ“, истиот е спротивен на Устав, спротивен на закон, спротивен на меѓународни одредби ратификувани во Собранието на Република Македонија, спротивен на судската пракса, со што истиот е неприменлив.

Во услови на неприменливост, како и во услови на концизно завземени ставови на Европскиот суд за вакви прашања, Владата е должна во целост да се откаже од ваквите предлози, кои одат директно на штета на граѓаните, потврдени со низа Пресуди на Европскиот суд, пишува м-р. Стојанче Геровски во својата колумна.