Истиот ден кога јавноста дозна за острото писмо на американската амбасадорка во кое наведува дека е „загрижена и разочарана“ од состојбите во судството и вратените предмети на повторно судење, Апелацискиот суд се огласи со соопштение во кое наведува дека – пораката е разбрана. Не само на Ангела Агелер, туку и на македонската јавност која е гневна и многу повеќе разочарана од амбасадорката од начинот на работата на Апелацискиот суд во Скопје.
Апелацискиот суд наведува дека таму се одржала седница (но не се знае кога) на која „се дискутираше прашањето за постапувањето по сите видови предметите по кои судот постапува, вклучително и предметите од висок профил и од висок јавен интерес, со акцент на зголемување на ажурноста во постапувањето на истите, а притоа имајќи ја предвид моменталната состојба и намалениот бројот на носители на судиска функција во судот“.
Судиите на седницата заклучиле дека мора да бидат поажурни: „По сите предмети, а посебно по предметите од висок јавен интерес да се постапува ефикасно и ажурно, во согласност со законите како и Судскиот деловник, почитувајќи го редот на приемот на предметите со цел да се обезбеди ефективно остварување на правдата и примена на законите и воедно да се избегне опасноста од застарување на предметите од висок профил.
За подобрување на ажурното постапување и одлучување по предметите од јавен интерес потребно е првенствено да се почитуваат внатрешните процедури за управување со движењето на предметите во судот“.
Во соопштението се наведува и дека голем проблем е малиот број судии – во моментот Апелациониот суд Скопје има само 28 судии, од предвидените 52. А во кривичниот оддел има само шест судии кои постапуваат по овој вид предмети. Затоа, неопходно е да поплни судската структура.
Но не е само тоа соопштение од Апелацискиот суд денеска. Има уште едно за средба на в.д. претседателката Мери Дика-Георгиевска во кое се наведува дека таа денес таа се сретнала со претседателите на судовите кои се во апелациското подрачје Скопје. Тоа се Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје, како и судовите во Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Куманово, Крива Паланка и Кратово.
Сите претседатели на работната средба, стои во соопштението, се согласиле дека ажурното постапување по предметите во голема мера зависи од бројот на судиите и непополнетите работни места во судската служба, проблем со кој се соочува секој од судовите.