Со Божествена литургија со која чиноначалствуваше Архиепископот г. г. Сгефан, заврши петдневната посета на древниот Константинопол.

Во храмот посветен на Света Троица што се наоѓа во познатиот регион Таксим, Архиепископот г. г. Стефан, заедно со епископот Хераклејски Климент и Антанискиот епископ г. Партениј, како и со јеромонаси од Вселенската патријаршија и од Охридската архиепископија, отслужија празнична света литургија. Во храмот присутни беа и останатите членови на делегацијата од Република Северна Македонија: митрополитите г. Тимотеј и г. Петар, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски и бројно монаштво од нашата земја.

Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, молитвено присуствуваше во олтарот на храмот и ја следеше богослужбата која се одвиваше на македонски и на грчки јазик.

На крајот од литургијата, од страна на преосвештениот епископ Тралиски г. Венијамин, беше прочитана поздравната беседа од архиерејскиот претстојател на заедницата на Света Троица Ставродромион (Таксим), високопреосвештениот митрополит на Саранда Еклисиес г. Андреј, кој од оправдани причини беше оневозможен да присуствува.

-Денеска како и вчера, уживаме во величието на радоста на единството и во силата на Божјата милост преку Црквата и тоа преку Константинополската Мајка Црква. Се наоѓате во центарот на најсветата Константинополска Архиепископија. Во нашиот свештен храм долго време се опслужува црковниот живот во центарот на градот. Се бориме според духовните и канонските повеленија на нашиот господин и архипастир, Вселенскиот патријарх и чекориме по патот на спасението. Убеден сум дека Неговата сесветост, овој мудар црковен маж на нашата Црква, заедно со точноста на црковниот акт за вашето востановување во единство, сигурно ќе наиде на домаќинство и на широк дух што ќе го примени тоа, со познание на духовната полза на народот Божји и на потребите на Црквата Негова”, се наведува меѓу другото во поздравната беседа на митрополит на Саранда Еклисиес г. Андреј.

Архиепископот Стефан, уште еднаш се заблагодари за укажаната љубов и топлото гостопримство.

-Доаѓајќи наваму, патувавме со различни чувства: со нестрпливост, со мечта, со надеж, со страв, со неизвесност, со колебливост и сл. Но, сега сето тоа го оставивме овде, го пуштивме низ Златниот Рог и во Босфорот, за брановите да го однесат далеку. А ќе заминеме со радост вистинска, со копнеж за Црквата, љубов за единството, со восхит за Мајката Црква Константинополска, којашто толку мудро знае да го заштитува она што ѝ го завештале Соборите и Преданието, и со тоа да ни добротоври на сите нас. Ете, оттаму ги нацрпивме смелост, духовното укрепување, просветлението, се напоивме од тој извор на љубов кон Црквата – од љубовта што ја покажувате Вие, Ваша Сесветост, зедовме сила од Градот и бевме поткрепени од Духот Свет, истакна архиепископот Стефан.

-Ви благодарам од името на сите свети членови на нашиот Синод и, секако, Ве очекуваме да ни дојдете во Охрид и во нашата богоблагословена земја, за да го почувствувате и Вие нашето авраамово гостопримство и да ја видите на дело нашата целосна оддаденост, па и таму да Ви ја покажеме сета наша благодарност кон Вас и кон Мајката Црква! На многаја лета!, додаде архиепископот Стефан.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј за време на здравицата кон архиепископот Стефан рече дека во овие денови „во радост и чисто срце во нашето заедничарење со вас, ја донесе во нашите срца и мисли, малата заедница на Ерусалим по Светата Педесетница, каде беа сите еднодушни и постојани во молитвата и во кршењето на лебот“.

-Тоа е животот на Црквата. Една трајна и продолжена Педесетница. Еден пламен, кој треба освежително да го жари нашето срце, за да ги проповедаме величијата Божји. Незамислива е Црквата без дихание, без ревност, без жртва, без труд, солзи и болка, за да се изобрази Христос во нејзините чеда. Тоа ветување дека нема да останеме сираци не е надеж и очекување, туку вистина и уверување. Од тоа ветување суштествуваме сите. Дојде Утешителот во Светот и останува и ја одржува, ја соединува, ја уредува и ја води Црквата. Се удостоивме, по милоста и сожаленијата на Великиот Бог и Спасител наш Исус Христос, да влеземе од нашата рана младост во Божествената нива на Црквата со ентузијазам и неслучаен копнеж. Ни се падна како учители и кормилари на нашата лична пловидба да имаме значајни мажи и слуги на Синот и Словото Божјо. Примивме Царство непоклатно и ненаследно, богатство неразграбано, бисер скапоцен, Град облагодатен и „обѕидан со кули“, порача патријархот Вартоломеј.

Тој додаде дека во овие денови „го искусивте величието и едноставноста на Великата Христова Црква. Ја видовте нашата љубезност. Ја вкусивте искрената љубов од сите нас. Дишевте од чистиот воздух на Цариград, не по човечката, туку според богочовечката страна“.

-„Царството Мое не е од овој свет“. Овде даровите на Светиот Дух се разделуваат неразделно. Колку што даваме, толку и добиваме. Колку што се исцрпуваме, толку и се обновуваме. Колку што сме навредувани, толку и простуваме. Колку што сме напаѓани, толку победуваме. Колку и да сме малку, толку изобилуваме. Во овој час го полагаме нашето Патријаршиско задоволство, колку кон Најсвештениот брат, светиот Охридски архиепскоп г. Стефан и кон јерархијата околу него, бидејќи го видовме доброто расположение и положба кон Великата Христова Црква, толку и кон Превосходните началници на Северна Македонија, за нивната зрелост и стабилност, истакна Вартоломеј.

Тој рече дека се радуваат за неодамнешната пројавена добра соработка и братска согласност со најсветата Црква на Србија.

-Секако, напомнуваме дека изразените ставови на Српската Црква за доделување на автокефален статус опасно се отклонуваат од преданиската пракса на нашата Света Христова Велика Црква. Го почестуваме, значи, вашето досегашно исправно позиционирање по ова и ве поттикнуваме да имате доверба и посветеност на Светата Христова Велика Црква, како што веќе добро и канонски направивте со вашите повикувања на еклитон кон нас. Ве пофалуваме, ве благословуваме, ве прегрнуваме со љубов и со голема родителска грижа и ја подигаме оваа чаша за здравје на сите сотрпезници на оваа радостотворна трпеза и за запечатување на овој знаменит и светловиден ден. За многу години!, порача вселенскиот патријарх Вартоломеј.