За да има придвижување на спорот Македонија-Бугарија, политичките гарнитури најпрво треба да ја сменат реториката на закани, уценувања, омаловажувања и понижувања, смета политикологот Благојче Атанасоски. Вели такви придвижувања има во јавните настапи на Кирил Петков но треба да се земе предвид дека бугарскиот Премиер предводи четирипатридна коалиција, политички партнери кои имаат ригидни и радикални односи по однос на македонското прашање.
Атанасоски смета и дека овој спор не го водат само Македонија и Бугарија, туку моќните ретроградни нациналистички сили поттикнати од Кремељ и Белград прават СЕ, за да нема подобување во односот Софија-Скопје!
Вели дека малцинствата се злоупотребуваат, и се ставаат во контекст на апсурдниот проблем кој официјална Софија го наметна, и го постави прашањето на т.н бугарско малцинство како приоритет во решавањето, односно нивното вметнување во македонскиот Устав, како услов без кој не може да попуштат и да ја тргнат блокадата.
Лидер: Вечерва владина делегација пристигнува во Софија, со што утре ќе се одржи меѓувладината седица на која една од клучните теми ќе биде усогласување на календарот на активности на новоформираните 4 работни групи во двете земји. Тие со меѓуресорска соработка треба да ги динамизираат односите и да остварат конкретни резултати во следните месеци. Што може да договорат двајцата премиери, а тоа да влијае врз подобрување на македонско-бугарските односи?
-На почеток, да почнат да употребуваат цивилизациска, европска и реторика во духот на добрососедството, а не реторика на закани, уцени, понижувања, па дури би рекол и омаловажувања, како што гледавме од претходната владејачка структура во Бугарија. Од новиот премиер Кирил Петков, гледам почетни изјави во тој цивилизациски дух. Сепак, искази на добра воља нема да го поместат процесот од мртва точка и официјална Софија да го тргне ветото, а со тоа ние и да ги започнеме долгоочекуваните преговори со ЕУ. Особено, што Петков предводи четирипартитна владина коалиција, во која партиите „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифонов, и Бугарската социјалистичка партија (БСП), се многу ригидни по однос на „македонското прашање“, односно се радикални во опстојување на познатата резолуција од бугарското народно собрание, која е целосно негирачка кон нас и нашиот идентитет, односно целосно неприфатлива за нашите национални и државни интереси и стојалишта. За почеток, ќе биде потребно да се врати довербата во меѓу владините делегации, за потоа со конкретни резултати да се постигне ефективно, квалитативно и сеопфатно решение кое ќе ги уреди нашите севкупни односи како две држави за децении нанапред, од кои ќе имаме само позитивна полза особено во полето на економијата, стопанството, инфраструктурата, образованието, туризмот и културата.
Лидер: Ваш став, дали одличната работа на новоформираните комисии може да го реши спорот со заглавената работа во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања?
-Доколку се има искрена воља и желба да, но се уште се многу моќни и силни ретроградните националистички сили и струи во Бугарија, кои де факто ги застапуваат интересите на Кремљ и официјална Москва, а кај нас тие сили ги застапуваат интересите на официјален Белград, па и тукашната „удба“ ако сакате, односно прават се, да нема подобрување на односите меѓу двете држави, кои и онака се ужасно лоши во изминативе седумдесетина години. Работата на новоформираните комисии може да биде импулс во динамизирањето на односите и да се стави акцент и фокус повеќе на нив, однсоно да не се троши целокупната општествена енергија токму на историската комисија, која природно се наметнува како најтешка за постигнување на резултати. Сепак, ќе треба многу време работите да се постават на вистински колосек, и уште повеќе храброст, визија, решителност и воља со претпазливи чекори и пред се почитување и уважување помеѓу себе си како рамноправни држави и членки на НАТО алијансата, а утре ден и на Европската унија, за да се постигне успех и напредок.
Лидер: Сметате ли дека спорот со Бугарија може да ги избегне малцинствата и историјата?
-За жал, малцинствата се злоупотребуваат, и се ставаат во контекст на апсурдниот проблем кој официјална Софија го наметна, и го постави прашањето на т.н бугарско малцинство како приоритет во решавањето, односно нивното вметнување во македонскиот Устав, како услов без кој не може да попуштат и да ја тргнат блокадата.
Тоа го направија од проста причина што никој во европските институции не најде оправдување, ниту пак ги разбра нивните „аргументи“ за кражба на историјата, јазикот, културата, бидејќи таква расправа, односно обвинување за европските развиени и цивилизирани земји обединети во ЕУ, е непоимливо и неприфатливо во овој модерен 21 ви век на развој и просперитет. Затоа тие ги „најдоа“ Бугарите и од тоа прават проблем, ѓомити ние не ги почитуваме човековите права на Бугарите кај нас, а со тоа не ги исполнуваме предвидените Копенхашки критериуми. Од друга страна,македонското малцинство таму води битка за регистрација и има добиено 16 пресуди во своја корист од меѓународниот суд на правдата во Стазбург, и тоа е добро, бидејќи согласно универзалните човекови и малцински права, тоа ќе ја добие битката, и правдата колку и да е бавна, ќе биде задоволена. Бугарија, од друга страна пак, вели дека по нејзиниот Устав таа е граѓанска, а не мултиетничка држава, и дека не признава ниту едно малцинство, камо ли пак „некакво македонско“, кое според нив не постои, и дека според Уставот на секој граѓанин му се почитуваат и гарантираат неговите човекови права, вели Атанасоски за Лидер.