,,Преговорите со ЕУ не треба да се политизираат, напротив внатрешните сили треба да работат за интересите на државата а тоа е отпочнување на преговорите со Унијата“.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски смета дека во овој момент на Македонија не и се потребни предвремени парламантарни избори, но доколку Македонија одново добие “студен туш“ од ЕУ голема е веројатноста наесен тие да се случат, бидејќи како што вели, Владата ќе биде делегитимирана по однос на европските интеграции.

Деблокадата на Собранието за да се отпочне процедурата за измени на Изборниот законик и воведувањето на Една изборна единица според Атанасоски е за поздравување ако истата оди во насока на подобрување на Изборниот законик, односно носење на законски решенија кои се од корист за сите, вклучително и во полето на подигнување на степенот на репрезентативност и демократичност на изборниот процес.

Лидер: Собранието стана арена за надмудрување, наместо Законодавен дом во кој ќе се реалзираат потребите на граѓаните врз основа на закони. Кој и што ќе добие од оваа блокада?

-Неверојатно е како после триесетгодишно практицирање на повеќепартиската демократија, нашите политички елити не се научија дека законодавниот дом треба да биде храм на парламентарната демократија преку кои ќе се носат најдобрите и најквалитетните закони, бидејќи за тоа и се избрани и легитимирани пратениците, кои не случајно ги нарекуваме и народни избраници. Наместо тоа, тој постојано беше користен од опозицијата (низ децениите), дури би рекол злоупотребуван за добивање на повисока цел ( преку блокади до предизвикување на парламентарни кризи, кои ќе доведат до негово распуштање), односно предвремени парламентарни избори. Без разлика која од политичките елити ќе добие, од ваквите постојани перпетуирани блокади губат пред се граѓаните, бидејќи се кочи институционалната работа на Парламентот, а со тоа се кочат и законските решенија, кои треба да бидат од добробит за сите граѓани. Жално е што и како полноправна членка на НАТО, и како земја која самата вели и смета дека е подготвена да преговара со Европската Унија за нејзино полноправно интегрирање во истата, не ги надминавме овие,, детски болести” на демократијата, напротив, наместо да извлечеме поуки од минатите грешки, ние својствено за нас ги (пре) повторуваме.

Лидер: Како го коментирате ставот на Мицкоски , привремено да се тргне блокадата во Собрание и на дневен ред да се стави Изборниот законик во Парламентот?

-Од секогаш сум се заложувал Собранието да биде храм на дискусија меѓу власта и опозицијата која ќе изнедри најдобри законски решенија за граѓаните. Впрочем така е и во најразвиените демократии. За жал истото триесет години е претворено во гласачка машина на владејачките мнозинства, а гласот на опозицијата никогаш не беше слушнат. Оттука идеа тие фрустрации кај опозициите и оттука доаѓаа тие блокади како последен чин. За мене секоја деблокада на Собранието и институционална соработка е за поздравување ако истата оди во насока на подобрување на изборниот законик, односно носење на законски решенија кои се од корист за сите, вклучително и во полето на подигнување на степенот на репрезентативност и демократичност на изборниот процес.

Лидер: Дали ни се потребни предвремени парламентарни избори?

-Потребно ни е сплотување на целокупната општествена енергија, пред се од релевантнитни политички партии, во пресрет на јунскиот самит на ЕУ за да се направат максимални напори Бугарија да го крене ветото, и ние да ги почнеме долгоочекуваните преговори со ЕУ. Не треба да се политизира овој случај, односно внатрешните сили треба да работат за интересите на државата, а тоа е Македонија да ги почне преговорите со ЕУ. Во овој момент не требаат парламентарни избори, но доколку Македонија одново добие,, студен туш” од ЕУ и на јунскиот самит добиеме,, охрабрување и воља” за ЕУ, а не конкретен датум, тогаш темата и дискусијата на Владата за евроиднината на Македонија ќе биде дегутантна и депласирана и не само што очекувам, туку голема е веројатноста наесен да има предвремени парламентарни избори, бидејќи Владата ќе биде делегитимирана по однос на европските интеграции. Тоа што мене ме плаши и загрижува е дека и по тие евентуални предвремени парламентарни избори нема да се смени ништо, ако остане и понатаму блокадата од официјална Софија, а ние внатре разединети се обвинуваме за тоа кој го предизвикал тој застој, без да настапиме унисоно со заеднички државен и национален став сплотени, визави неевропските, антицивилизациските, антихуманите и националистички барања, условувања, уцени и закани од државното раководство на источните соседи.