Краткорочните мерки против загадувањето се неопходни, но во ниту еден случај не можат да обезбедат долгорочно решение . И секој обид да се испрезентираат како такви е популистички. Ова е ставот на иницијативата О2 за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна средина. Татјана Атанасовска Гроздановска вели дека единственото решение кое ќе не помести од алармантната точка се примената на среднорочни и долгорочни мерки, но тие се “врел костец“ за секоја власт, затоа што може да наидат на отпор од многу чинители при нивната примена.

Алармантната состојба со загадувањето е укината, но веројатноста дека ќе се повторат високи концентрации на ПМ10 честички во воздухот е се поголема. Колку краткорочните мерки вјијаат врз долгорочното решение против загадувањето?

-Секако дека кај нас се носат само краткорочни и популистички мерки. На секоја власт досега врел костен им е фаќањето во костец со реалните загадувачи идолгорочните мерки за нивно неутрализирање. Голем проблем е имплементирање на такви мерки посебно поради финансиските импликации, а заложбата за такви мерки не носи популарност, туку само можен отпор од многу чинители, вели Атанасовска од Иницијативата О2.

Краткорочните мерки се секако дел од борбата за намалување на аерозагадувањето, но доколку се единствени, тие во ниту еден случај не може да помогнат во долгорочното решение против аерозагадувањето… Тоа се мерки кои се превземаат кога воздухот е екстремно загаден и мораме да го вклучиме алармот, па преку нив граѓанинот да го намали здравствениот ризик од директно изложување на загаден воздух.

Краткорочните мерки претставуваат, буквално аларм, ад хок интервенирање, или прва помош при загадувањето кое ни се случува, а не сме успеале да го спречиме.
Но, се поставува прашањето дали интервентни мерките кои реално се применуваат се воопшто ефикасни или е неопходно носење на нови построги краткорочни мерки.
И сега во 2021 година, повторно сме во ќорсокак. Поминуваат години, а ние не сме ни чекор поблиску да го спречиме активирањето на прагот за алармирање. Секое активирање на овие краткорочни мерки, само укажува на нашата неспособност и пораз во справувањето со аерозагадувањето. Неопходни се, но во ниту еден случај не можат да обезбедат долгорочно решение против загадувањето. И секој обид да се испрезентираат како такви е популистички.

 

Што суштински треба да се направи за да “дишеме“ и за да се намали смртноста како резултат на загадениот воздух?

-Примената на среднорочните и долгорочните мерки, како и реализацијата на сите планови за заштита на воздухот, од најниско локално, па се до национално ниво, со јасно дефинирани рокови и цели, се единственото решение кое ќе не помести од алармантната точка. За жал тоа не се постигна со децении. Законот кој се донесе 2004та, остави простор пред себе да целните вредностите кои се дефинирани за нормални се постигнат и станат гранични, а нивното надминување незаконито. Но, тие посакувани целни вредности не станаа реалност.

Еве не, 17 години потоа, и граничните вредности на загадувачките супстанции се надминуваат во континуитет. Плановите кои се донесоа имаат занемарливо мала реализација, за која никој не сноси одговорност, а Националниот план сеуште не е обновен од 2018та.

Не е тешко да се заклучи дека крајно неуспешно се спроведува задолженијата на надлежните органи да ги преземаат сите неопходни мерки со цел да не дојде до надминување на граничните и целните вредности за загадувачките супстанции, без притоа да создадат непотребни трошоци.

Редовно има голем број на надминувања на речиси сите мерни места, што значи дека се потребни големи дополнителни напори за да се достигнат утврдените гранични вредности. А краткорочните ад хок мерки, ни најмалку не можат тоа да го обезбедат, без реализацијата на суштинските среднорочни и долгорочни планови. Доцниме премногу, не се превзема одговорност за црната статистика и истата се игнорира, краткорочните мерки се користат заедно со реториката ‘се е по закон’, но системското интегрирано справување со аерозагадувањето е неопходно итно да стартува. Магични и брзи решенија не постојат, затоа Владата и локалната власт треба итно да ги засукаат ракавите, вели Татјана Атанасовска Гроздановска од Иницијативата О2.