Ова е соломонското решение на администрацијата на Бајден како во исто време да ја осуди Кина за прекршување на човековите права, а тоа да не биде на штета на американските спортисти што избориле место на Олимпијадата.

Одлуката се уште не е финализирана, меѓутоа веќе е поднесена формална препорака до претседателот на САД и се очекува таа да биде потврдена до крајот на месецот. Наводно тајмингот не е поврзан со виртуелната средба меѓу Ши и Бајден.

Претходно информациите беа дека Ши најверојатно на средбата планирал лично да го покани Бајден на Олимпијадата, меѓутоа прашањето не беше споменато во 3 и пол часовниот разговор.

Администрацијата на Бајден изминативе месеци молчеше околу темите поврзани со Олимпијадата, посебно тоа дали Бајден ќе поддржи целосен бојкот од страна на спортистите, или ќе оди на ограничен бојкот или целосно ќе се откаже од бојкот.

Очекувањето е дека САД ќе ги извести своите сојузници за одлуката, меѓутоа ќе остави на нив да решат дали тие ќе го следат нивниот пример или не.

Спикерката на претставничкиот дом Ненси Пелоси во мај повика на дипломатски бојкот на Олимпијадата во Пекинг.

На претходната Олимпијадата во Кина, Пекинг 2008, Џорџ Буш ја прифати поканата од тогашниот кинески претседател Ху Џинтао, меѓутоа ја потврди својата поддршка за борба за човекови права во Кина, одржувајќи средба со Далај Лама во Вашингтон во 2007 и давајќи му Конгресен Златен Медал.