Предвидувањата за економијата на глобално ниво за 2022 година, како што посочи Бесими, се оптимистички, а во македонската економија се очекува годината да заврши согласно проектираниот раст на БДП од 4,1 процент, но со реална можност и да се надмине. Во 2022 година, економскиот раст се очекува да забрза и да изнесува 4,6 проценти во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и стабилизирање на надворешната побарувачка.
-Наредната, 2022 година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во овој Предлог-Буџет се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит. Притоа во услови на се уште присутни ризици од пандемијата од Ковид 19, клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето на населението, а неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата, нагласи Бесими.
Дополнетиот Предлог-буџет, како што рече, ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а во делот на капиталните инвестиции ги спомена изградбата на патната инфраструктура од Коридор 8 и Коридор 10, подобрувањето на условите во образованието, зелената транзиција и модернизацијата на земјоделското стопанство.
– Поедноставно кажано во 2022 година ќе имаме „развоен буџет”. Развојната компонента се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 28,3 проценти во однос на 2021 година или во 2022 година се предвидени 8,4 милијарди денари повеќе за капитални проекти, рече Бесими, додавајќи дека е запазено т.н. „златно правило“ во јавните финансии, односно за првпат капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит.
Вкупните расходи во Предлог-буџетот се планирани на 272,4 милијарди денари или 35,2 проценти од БДП, а вкупните приходи се планираат на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Дефицитот епроектиран на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП,а капиталните инвестиции ќе изнесуваат 38,2 милијарди денари.
Министерот најави отчетност и транспареност при буџетирањето, а како поддршка на буџетот донесени се повеќе стратешки документи со среднорочна рамка како што се Фискалната стратегија, Стратегијата за јавен долг, Планот за забрзан економски раст, Планот за јавни инвестиции….
Во Предлог-буџетот се вградени и 23 амандмани во вкупна вредност од 382 милиони денари, од кои, како што посочи Бесими, најголем дел се од опозицијата. Дел од нив се и амандманот за создавање на интервентен фонд во земјоделството и амандманите за енергетска ефикасност.
За опозицијата, Предлог-буџетот во висина од 4,4 милијарди евра е најобемниот буџет досега, нереален и неразвоен. Според опозицијата, не се предвидени пари за енергетската криза, а висок е и проектираниот буџетски дефицит. Проекциите за капиталните инвестиции, сметаат, дека се лага имајќи предвид дека нивната реализација во изминатите години е мала.
– Во овој Буџет, Владата не предвидела средства за справување со енегретската криза која долго време ја игнорираше пред да стане работата сериозна. Граѓаните се оставени сами на себе, рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ, забележувајќи дека Предлог-буџетот е подготвен во период кога Владата не знаела каков ќе биде исходот од локалните избори.
Министерот за финансии во репликата на Стојановски, нагласи дека има пари во висина од 90 милиони евра предвидени за мерки за кризи.
Расправата за Предлог-буџетот, кој е во второ читање, треба да заврши за пет дена. Претходно, Предлог-буџетот беше разгледан на собраниската Комисија за финансирање и буџет од каде повторно беше вратен во Владата и дополнет со усвоените амандмани.