Менталното здавје не е приоритет на Владата, индивидуидата е оставена сама на себе. Комората на психолози на Република Македонија е единствена и осамена во своите напори да направи нешто за населението на оваа тема, вели Доц. Д-р Емилија Бошковска, психолог, психотерапевт. Додека светот веќе активо работи на справување со последиците од четвртот бран на корона кризата а тоа е менталното здравје, кај нас на национално ниво не се превзема ништо!

Во интервју за Лидер, д-р Бошковска, зборува и за тоа дали парите се единствен извор на среќа во Македонија. Вели активното барање среќа може да доведе до обратен ефект. Препорачува за претстојните празници повеќе да подаруваме, затоа што тоа не прави позадоволни и посреќни одколку кога купуваме за себе.

Лидер: 2021 година го прелистува и 365 ден. Година одсликана со здравствена, економска , енергетска криза, секојдневни турбулентни настани на политичката сцена од кои е зависен македонскиот граѓани. Како да се сочува менталното здравје во ваква состојба ?

-Во Македонија стресот и турболенциите на економски и политички план веќе со години наназад се секојдневие и граѓанинот се справува постојано со потешкотии. Сето тоа кулминираше со присуството на вирусот и пандемијата која стана дополнителен хроничен стресор, со оглед на тоа дека е присутен повеќе од две години а сеуште имаме голем број на смртни случаи од него. Денес дури и за младите стравот од смрт е премногу честа состојба, а со тоа и анксиозноста, депресијата и паничните напади се многу почести одколку од пред две години. Дали нешто се превзема на национално ниво….јасно дека НЕ.
За жал, кај нас сеуште не е развиена свеста за ментално здравје односно менталното здравје не се препознава како важен дел од нашето целокупно здравје, продуктивност и среќа.
Иако во светот сите активно работат на ублажување на т.н четврт бран на короната, а тоа е ударот по менталното здравје на луѓето, менталното здравје не е приоритет во агендите на нашата влада и грижата за менталното здравје е оставена на индивидуата. Комората на психолози на Република Македонија е единствена и осамена во своите напори да направи нешто за населението на оваа тема. Но без системско решение и ставање на менталното здравје како национален приоритет ќе имаме последици од актуелната кризна состојба уште многу години.

Лидер: Зависноста од политиката е се поприсутна кај граѓаните. Сметате ли дека фукнционерите се однесуваат на ниво кое создава разумно или конфликтно одненесување кај граѓаните?

-Македонија е постојано партиски поделена и сите сме стручни да коментираме за политичката состојба, но тоа пред се се должи на лошите приходи и лошата економска состојба. Ако знаете дека без оглед колку вложувате во себе и во своето надградување на крајот нема да е тоа пресудно за вашето вработување или напредување туку ќе ви се бара партиски активизам тогаш нормално е повеќето да сакаат да се инволвираат и да пратат политика.
Ова е типично за општества каде не се цени професионалноста, образованието и личноста на индивидуата. Од тука следствено произлегува непрофесионализмот и многу често неетичното однесување на функционерите, работење за партијата од која доаѓа наместо за државата. Се додека тоа е така нема да преовладува разумното однесување.

Лидер: Дали парите во Македонија се единствениот извор на среќа?

-На сите ни е позната идејата дека среќата не може да се купи со пари, ова го знаат тие што имаат многу. Но,парите се важни за среќата особено за оној кој ги нема, а во нашата држава за жал се повеќе луѓе се на работ на егзистенцијата. Се додека основните потреби не се задоволени (а за нив ни требаат пари) ДА, парите ќе бидат важен извор на среќа.
Од друга страна пак, оние што имаат повисоки приходи и чии основни потреби се задоволени, позитивните ефекти од парите честопати им се неутрализирани со негативните ефекти – како што е работењето подолго време или на постресни работни места за да се одржи тој приход.

Лидер: Како здравствена криза и изместувањето од секојдневните навики вилаје врз “психата“ на човекот, со оглед на тоа дека оваа состојба ќе продолжи и наредната година?

-Луѓето се дизајнирани за опстанок. Кога сме под закана, нашиот „мозок поточно амигдалата“ – реагира, адреналинот го преплавува крвотокот и ние сме подготвени да се бориме, да побегнеме или да замрзнеме. Но, за разлика од повеќето опасности, пандемијата не заврши.
Реактивниот страв стана хроничен стрес, при што нашите тела сè уште се оптоварени со кортизол и други хормони на стрес кои се токсични за мозокот, потенцијално инхибирајќи го производството на нови неврони и предизвикувајќи промени кои предизвикуваат депресија.
Пандемијата продолжува и се е неизвесно и се базира на претпоставки, а кога не можеме да ја предвидиме иднината, стануваме вознемирени и очајни.
Крајниот исход од кризата ќе доведе до поделба на две групи на луѓе кои ќе излезат од оваа криза како и секоја друга. Ќе имаме такви кои ќе попуштат под притисоците и стресовите и ќе им треба многу голем напор за повторно да застанат „на нозе“ и такви кои ќе излезат од кризата уште посилни и резилентни.
Работата на психолозите и психотерапевтите е да им помогнат на сите полесно да ја поминат оваа состојба.

Лидер: Како да се врати хормонот на среќа кај граѓаните? Што треба повеќе да практикуваат во новата 2022 година?

-Со оглед на расплетот на глобалната пандемија на коронавирус, затворањето на границите и економска нестабилност, тешко е да не се чувствуваме преоптоварени од состојбата во моментот, но дури и во време на стрес и анксиозност, можеме да преземеме проактивни чекори за да го подигнеме нашето расположение.
Активното барање среќа може да доведе до обратен ефект. Како прво, колку повеќе се фокусираме на сопствената среќа, толку помалку се фокусираме на среќата на луѓето околу нас, што од друга страна придонесува за чувство на изолација и исклучување.
Затоа е помудро да трошиме помалку време обидувајќи се да станеме среќни и повеќе да се фокусираме на малите нешта што не прават среќни.
Како ги толкуваме нашите емоции во голема мера зависи од тоа како тие се врамени – со други зборови зависат од контекстот. Стресните ситуации често се надвор од наша контрола, а ние се вознемируваме и сме загрижени кога се обидуваме да го контролираме она што не можеме. Затоа е добро да се фокусираме на она што може да се контролира и на тој начин да го намалиме чувството на анксиозност.
И за крај, со оглед на претстојните празници може да се искористи и фактот дека дарувањето не прави позадоволни и посреќни одколку кога купуваме за себе, вели Доц. Д-р Емилија Бошковска, психолог, психотерапевт за Лидер.