Како што информира МОН, Царовска на состанокот им се заблагодари на наставниците ментори за одвоеното време да ги разгледаат новите материјали за учење и да придонесат во нивната изработка.
– Овој процес не би бил целосен доколку материјалите за учење не поминеа низ филтер од наставниците ментори кои од септември ќе бидат директна поддршка во имплементацијата на реформите во училиштата. Вие имате долгогодишно искуство од пракса и најдобро може да го кажете својот став во врска новите наставни материјали, рече Царовска.
МОН информира дека наставниците ментори имаа можност да ги продискутираат содржините на материјалите, да го кажат своето мислење во врска со начинот на кој се подготвени и да ги кажат забелешките, со цел да се обезбедат квалитетни и современи материјали кои се во целосна согласност со новата Концепција.
-Фокус-групата истакна дека учебниците се вистинско освежување во наставниот процес затоа што наликуваат на сликовници кои децата ги сакаат. Материјалите се интерактивни, оставаат можност за работа во самиот учебник и ги поттикнуваат учениците низ илустрациите, активности и експериментите да го засакаат предметот, посочува МОН во соопштението.
Дел од наставниците ментори истакнаа дека учебниците ги виделе како една едиција – без разлика што авторите се различни, предметите се различни, сепак тие претставуваат една целина, тесно се поврзани меѓусебе и го задоволуваат делот којшто се однесува на интеграција на предметите предвиден со Концепцијата.
-Новата Концепција стартува од септември. По нови наставни програми, со нови материјали за учење наставата ќе се одвива во прво и четврто одделение. Реформите во деветолетката ќе се воведуваат етапно и целосно треба да бидат имплементирани во следните пет-шест години, наведува МОН.