Студентите се тука, и се гласни но никој не ги слуша. Квалитетот на високото образование ќе се подобри исклучиво ако државата насочи повеќе пари во него.
,,Доколку сакаме да имаме европска иднина, мора да имаме и европско образование, а доколку сакаме европско образование мора да имаме европски буџет за образование“-вели Ева Цветковска, претседателката на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Научно-истражувачката работа е основата на академијата, а кај нас тоне. И тоа е причината зашто УКИМ е на дното на листата на Центарот за трангирање на светските универзитети CWUR.
Цветковска смета дека Студенстките собранија добро си ја вршат задачата, секојдневно се борат и залагаат за структурни промени и подобрување на позицијата на студентот.
Како најголем проблем со кој се соочуваат студентите на УКИМ ја посочува незваршената дигитализација на факултетите. Студентие мораат двојно да ги пријават испитите, покрај онлајм, мораат истото да го сторат и “шалтерски “на студентски прашања.
Лидер: Студентското движење речиси да замре по студентските протести во 2014 година. Дали ова значи дека студентите се задоволни од условите кои им се нудат за студирање?
-Јас не би рекла дека студентското движење таму запре, напротив, тоа беше почетокот.
Студентскиот пленум кој беше ад-хок хоризонтално движење на студенти во борба против воведување на државен испит во 2014, ги разбуди студентите и ја дигна целата критичка маса на нозе. Студентите застанаа зад браникот на автономијата на универзитетите и на квалитетот на високото образование, и се свестија дека тогашните студентски парламенти се комплетно, најблаго да се изразам, незаинтересирани да си ја вршат својата работа на застапници на студентскиот интерес.
Студентскиот пленум си ја заврши својата работа, но ја отвори нашата. Од таму започна целата борба за измени во Законот за високото образование. Во тој период, за студент да може да се кандидира за претставник во студентскиот парламент потребно беше да собере 3000 потписи, што е арбитрарна и нереално поставена бројка и служи за ограничување на пристапот до пасивното избирачко право на студентот и намалување на конкуренцијата.
Со новиот закон, кој е напишан и донесен во консултација со студенти кои беа дел од револуцинерното движење во 2014, сега имаме легитимни претставнички тела на студентите. Секој заинтересиран може да биде член на студентско собрание, доколку неговите колеги го изгласаат на фер и демократски избори.
Активноста на студентското движење не треба да се суди според тоа дали сме излезени на улици, туку треба да се гледа во залагањата на студентите кои се моментално делегати во факултетските и универзитетските студентски собранија. Студентските собранија се легитимни претставнички тела кои организирано ја продолжуваат идејата на пленумот и секојдневно се борат и залагаат за структурни промени и подобрување на позицијата студент во нашето општество.
Студентското движење има уште мноогу за работа, условите се далеку од задоволителни, но ние сме активни.
Лидер: Дали и колку студентите на УКИМ се информирани дека постои Универзитетско студенстко собрание и што може да се добие преку него?
-Се повеќе се дознава. Нашиот најголем проблем беше што тукушто започнавме со работа во 2020, неполн месец потоа започна пандемијата. Имавме толку многу планови за настани и забави, но корона вирусот ни застана на патот. Основниот начин за студентите да не запознаат и да се запознаат со нашата работа е преку дружба и забава. Сепак, активно ги користиме социјалните мрежи за нашиот глас да допре до студентите и да се доближат до нашата работа.
Што може да се добие? Конкретно, средствата кои месечно ги добиваат за студентски субвенциониран оброк и покачените стипендии се всушност прифатени барања кои УСС ги поднесе до МОН. Се залагаме за подобрување на образовната инфрастуктура, објавуваме студентски повици за архитектонски решенија и ги поднесуваме до институциите. На тој начин, оваа година 2 студентки ќе си го видат своето дело од хартија во реализација. Нудиме шанса за учество во студентската научно-истражувачка област преку 5те научни конференции кои ги организираме, учество во дискусии, едукации, дебати, и останато.
Работиме на уште безброј проекти и барања кои активно ги поднесуваме до институциите, а се со цел студентите да добијат што повеќе. Генерлно, тука сме за помош и поддршка за било каков проблем со кој студентите се соочуваат во текот на нивните студии.
Лидер: Кои се најчестите проблеми со кои се соочуваат студентите на УКИМ?
-Покрај класичните студентски проблеми, сесии, испити, колоквиуми, распореди на предавања и полагања, би рекла еден од најголемите проблеми е што административното работење на факултетети се’ уште не е дигитализирано и зависи од папирологија. Апсурдно е дека студентите се приморани паралелно да пријавуваат предмети и испити и онлајн, и да чекаат со саати во ред пред студентски прашања, да го направат истото во живо.
Лидер: Според вас, која е причината што УКИМ се најде на дното на листата на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR)?
-Недоволно инвестирање во научно истражувачката област. Критериумите според кои CWUR ги рангира универзитети се базираат на академското препознавање на научно-истражувачката работа на факултетите и универзитетот.
Научно-истражувачката работа е основата на академијата, а кај нас тоне. Живееме во време на капитализам, и нормално е да се приспособуваме, но не смее да се заборави која е основата на Универзитетот.
Лидер: Две години како наставата на факултетите се одвива според ковид протоколи. Не слушнавме од студентиет дека имаат против ваков тип на студирање. Сметате ли дека добар практичар може да излезе од од онлајн испит и предавање?
-Можеби вие не сте слушнале, но ние на многу наврати апелиравме и баравме наставата да се врати со физично присуство, што до Универзитетот, што до надлежните министерства за помош и поддршка. Спроведовме анкета до студентите на која 51% изгласаа дека сакаат да се продолжи со онлајн, 49% сакаа да се врати наставата со физичко присуство.
Универзитетот одлучи дека факултетите се слободни да бираат дали наставата ќе се одржува онлајн или физички, и тоа се цени според можностите на групата. Онаму каде има помали групи, наставата може да се одвива со физичко присуство, во договор помеѓу професорите и студентите.
Во поглед на практичарите, на оние факултетите каде има вежби, тие скоро сите (ако не и сите, не ме држете за збор) се одржуваат со физичко присуство. Сепак, и теоријата е многу важна, онака како што може да се развие дискусија во живо и на тој начин да се поттикне критичката размисла кај студентите, не може на ниедна онлајн платформа, а критичката мисла е еден од фундаментите на квалитетното високо образование.
Лидер: Што треба да направи државата а е неопходно за студентите за да се подобри квалитетот на високото образование?
-Прво, да не’ слуша што бараме.
Второ, да инвестира многу повеќе во високото образование. Додека европскиот просек на буџетот за образование изнесува 5% од БДП, кај нас е 3.5%. Моменталниот буџет за високо образование изнесува околу 0.8% од БДП, што е речиси двојно помалку од европскиот просек кој се движи околу 1.5% од БДП. Ваквата дискрепанца е доволен показател зошто македонските универзитети значајно заостануваат зад својата конкуренција во Европа. Доколку сакаме да имаме европска иднина, мора да имаме и европско образование, а доколку сакаме европско образование мора да имаме европски буџет за образование.
Па врз основа на ова, да смисли комплетно нов модел за финансирање на високо образовните институции, што би овозможил две основни работи:
-да ги превземе трошоците кои факултетите и универзитетите моментално ги ставаат на грбот на студентите. Со ова, се обезбедува многу подобра позиција на студентот и неговиот стандард во нашето општество, и
-да ја обезбеди финансиската автономија на универзитетите. Финансиската автономија е услов и ја гарантира материјалната автономија која е фундаментот на постоењето на Универзитетот како институција, додава Цветковска во интервјуто за Лидер.