Многумина останаа забезекнати од денешната изјава на американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, која најави дека тимови од САД ќе доаѓааат во земјава и ќе се пуштат во лов на корумпирани актуелни и поранешни политичари.

Љупчо ЗЛАТЕВ

-Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот, објави Агелер.

Оваа најава која доаѓа од земја која е наш стратешки партнер од 2008 (потпишано од Антонијо Милошовски и Кондолиза Рајс, аминувано од Буш, Груевски и Бранко), неминовно отвора сериозни дебати во нашата земја. Дебати кои веројатно ќе бидат толку важни, што од прифаќањето на оваа активност ќе зависи дали воопшто некогаш ќе почнеме да личиме на нормална држава. Ќе се обидам дебатите аналитички да ги синтетизирам, да пробам да одговорам на дел од прашањата, па заклучоците подоцна како слободомислечки граѓани донесете си ги самите. Само она што самите ќе го добиете како заклучок е валидно, се друго е пропаганда, токму затоа одбирам да пишувам по овој принцип.

1. Дали ова значи намалување на суверенитетот на Република (сега веќе, за жал) Северна Македонија?

На прва, независно дали ја поддржувате оваа најава на САД или не, Ви доаѓа да кажете „Се разбира“ дека е подривање на суверенититето. И мене прво ми дојде да го кажам ова, ама работите најчесто не се така едноставни како што изгледаат. Доколку ние бевме Германија, Франција, Велика Британија или Јапонија, тогаш ќе беше загрозување на суверенитетот, вака е нешто сосем друго…

Прво, сè уште не знаеме во кое својство ќе дојдат овие истражители. На масата постојат повеќе варијанти. Од она што јас сум брифиран, тие најверојатно ќе дојдат како помош за нашето обвинителство, но во исто време ќе работат на утврдување на фактите за тоа кој од политичарите да биде ставен на црната листа на САД поради корупција.

Ова, во никоj случај не значи нарушување на суверенитетот на Македонија, затоа што првенствено овие експерти ќе бидат на помош на нашите институции (за кои до сега многу пати сме утврдиле дека се крајно неспособни), веројатно нивната активност ќе биде регулирана преку постоечките меѓународни договори. Во исто време, она што јас го имам како информација е дека ќе работат за Соединетите Американски Држави и Стејт Департментот кој ја има познатата црна листа за корупција. Значи, од нивните наоди ќе зависи кој ќе се најде на црната листа на САД.

Второ, овој тим доаѓа во земја во која САД до сега има потрошено многу милиони долари за реформи на системот. Пари, за кои јас искрено и со факти верувам дека се украдени. Од САД можеби не велат дека се украдени, но јавно кажуваат дека се залудно потрошени затоа што судскиот систем ни станува сè полош.

Трето, за да биде нарушување на суверенититетот, треба тој суверентитет да постои. Не може да се молите за пари, за интеграции, за меѓународни отстапки и во исто време да сакате да сте суверени. Жалам, но ние во десетици наврати до сега сме покажале дека не сакаме баш да имаме суверенитет, ако треба и сега нека биде така – ама овој пат за добро!

2. Кој треба да се плаши од овие истражители на САД?

Оваа изјава на Агелер доаѓа во сендвич помеѓу нејзините средби со премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахменти. Треба да сте политички лаик за да не можете да видите дека ова е порака упатена кон власта. Првата жестока реакција на Агелер дојде кога СДСМ и ДУИ поставија партиски кадар на ДУИ како шеф на обвинителството, втората изјава стигна денеска откако СДСМ постави своја партизанка за прв човек на судскиот совет.

Јасно е кому овие истражители ќе му донесат најголеми проблеми. Ковачевски ја поддржа и ја поздрави активноста со истата лажна надеж со која Груевски ја поддржа Катица Јанева, чие СЈО подоцна го чинеше бегство.

Во делот на „бивши политичари“, зарем имате друг осомничен освен Зоран Заев? Човекот кој направи сериозна корупција, неистражена од обвинителството а во исто време направи сериозен потрес на европскиот црн пазар на дрога, каде Македонија стана новата Албанија.

3. Дали ова е реприза на СЈО?

САД вложи сериозни политички, материјални и човечки капацитети во Специјалното Јавно Обвинителство, институција која пропадна поради тоа што сакаше да рекетира. СЈО е веројатно едно од најголемите разочарувања на Америка во однос на Македонија.

Ова што се случува сега е овид да се исправи грешката, дали ќе заврши добро, на крајот од денот зависи од нас. Да, тие лица ќе завршат на црната листа на САД, но дали ќе завршат во затвор? Одговорот на ова прашање на крајот го има нашето правосудство. Овие луѓе ќе ги изнесат фактите, но криминалците ние ќе ги обвинуваме и ќе ги судиме, ако воопшто имаме капацитет за тоа. Така што ова не е ниту реприза на СЈО, ниту нарушување на суверенитетот.

4. Дали до сега сме виделе сличен пример во светот?

По мое знаење, освен активностите на ДЕА во Колумбија, кои доведоа до сериозно намалување на трговијата со кокаин во светот, нема сличен пример. Но, во исто време нема ни пример некоја држава да има привремено име (како ние со ФИРОМ), да има рамковен договор со квоти (како ние во 2001) и да го смени своето име поради странски притисок (како ние во 2018).

Така што, ова е нешто ново на светско ниво. Ќе видиме дали ќе профункционира. Имаше нешто слично кога ФБИ помагаше во истрагата за антентатот на поранешниот претседател Киро Глигоров, веројатно поради тоа Љубомир Фрчковски кркаше вето за амбасадор на Македонија во САД. Сепак ова е многу пошироко, не е само за еден сучај.

5. Дали Агелер од нас конечно ќе направи успешен проект на Америка?

Од нејзиното основање (а и претходно), Македонија е проект на Соединетите Американски Држави. За жал до сега ние не се покажуваме како успешен проект на САД, пред се поради нашата тенденција да бидеме корумпирани. Корупцијата е главната рана на нашето општество, тоа САД конечно го детектираше откако себеси се изгореа со еден човек од Струмичко, кој ги излажа за сè.

Сите земји кои низ историјата биле менторирани од САД како Германија, Јапонија, Чиле, па дури и Кина преку Хенри Кисинџер, сега се успешни приказни на еден или на друг начин. Време е и ние да станеме успешна приказна. Токму затоа, не знам дали Агелер ќе успее, ама ако не успее, подобро на сите кои одбиваме да живееме во вакво расипано општество нека ни даде азил…