Книгата претставува избор од научни текстови од Конески, кои се однесуваат на македонскиот јазик и неговата стандардизација, додадена е и статијата „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ од Крсте Петков Мисирков и е илустрирана со фотографии. Изборот на текстовите го направи Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, а преводот на унгарски е на Анамарија Цинеге-Панзова.

Зборникот излезе во престижната едиција Opera Slavica Budapestinensia (Linguae slavicae) на Катедрата за славистика при Универзитетот ЕЛТЕ, иницијатори за реализација на овој проект се Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, Институтот за славистика и балтичка филологија, Будимпешта и Здружението на Унгарци на Македонија – ТЕЛЕДОМ од Скопје, а изданието беше реализирано со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија

Зборникот го промовираше проф. д-р Звонко Танески, македонист кој работи на Универзитетот „Комениус“ во Братислава.

– На почетокот на промоцијата лекторот Златко Панзов зборуваше за потребата и улогата од ваков тип на настани за зголемена видливост на македонската култура во Унгарија. Со зборникот унгарската публика ќе има можност да се запознае со развојот и кодификацијата на македонскиот јазик и ќе претставува појдовна основа за запознавање на студентите на ЕЛТЕ со проблематиката која се однесува на нашиот јазик. Во период на негирање на македонскиот јазик, ваквите изданија се повеќе од потребни за претставување на нашата страна од приказната, информира Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта.

Лекторот Панзов му се заблагодари на проф. д-р Иштван Лукач, шеф на Катедрата за славистика, за огромната поддршка при реализацијата на зборникот и неговата огромна улога за развојот на македонистиката во Унгарија.

–Во овој зборник што сега сите ние можеме да го држиме во раце и љубопитно да го пролистуваме се наоѓаат, всушност, и најважните текстови од Конески, секако и најважниот текст од Мисирков, посветени, во прв ред, на споменатиот феномен на стандардизација на јазикот, па затоа е навистина импресионирачки преведувачкиот ентузијазам и наедно и двигателен подвиг што го направија Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов, приопштувајќи ги нив на современ унгарски литературен јазик. Филолозите мошне добро знаат дека стандардизацијата на еден јазик во лингвистиката означува дефинирање на ортографија и граматички правила заеднички за сите корисници на тој јазик. Процесот на стандардизација зависи од избраната јазична политика, која може да има практична и симболична функција, истакна промоторот д-р Звонко Танески.

Во последните неколку години се зголемува бројот на студенти на Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта и се движи меѓу 25 и 35 студенти во семестар, така што тој станува значаен центар за изучување на македонскиот јазик во Централна Европа. Лекторот Златко Панзов е иницијатор и организатор на Деновите на македонска култура во Будимпешта што се организираат трета година.