Во анализа со наслов Блеф и ПР за економија Димитриеска – Кочоска вели дека среде пандемијата економијата добила само трошки.
Според неа наместо 704 милиони евра како што се фали владата дала само околу половина а притоа долгот е зголемен за огромен процент.
– Владата постојано презентира: Фискалниот стимул на досега реализираните мерки изнесува 704 милиони евра, односно 6,5% од БДП. Заклучно со месец февруари 2021 година, за справување со ефектите од коронавирусот целосно потрошени средства се 704 милиони евра, односно 67,3% од одвоените средства во овие 4 пакети.
На сајтот на Владата јасно може да се прочита дека:
-Вредноста на четирите пакети на мерки е 1 милијарда и 20 милиони евра;
-Имплементацијата е 860 милиони евра (82% од вкупен план на средства за мерките);
-Реализација е 704 милиони евра (67,3% од одвоените средства за мерките);
-Фискалните импликации се 329 милиони евра (директни буџетски расходи 313,5 милиони евра и намалени буџетски приходи заради одлагања на даноци 15 милиони евра).
Кои потрошени, кои одвоени средства? НЕ го манипулирајте народот!, бара екс заменичката во финансии.
Димитриеска-Кочоска долго време чекала некој од Владата да најде сила да излезе и да ги демантира овие бројки.
– Но наместо тоа, овие розеви информации на Владата ги демантираат растечките незадоволства од страна на населението и фирмите изразени на протести. Исцрпени од здравствената криза во којашто многумина изгубија некој близок, исцрпени од разголувањето на криминалите и корупцијата на највисоко ниво, исцрпени од неуспешноста за брза масовна имунизација и враќање во нормала, на народот и фирмите не му треба некој да го лаже дека состојбата е стабилна и дека Владата направила сѐ за да им помогне да ја премостат економската неизвесност. Уште помалку дека потрошила 704 милиони евра за спас на бизнисите и поддршка на населението. Ако беше така, никој немаше да негодува, вели Димитриеска-Кочоска која е уплашена од фактот што во 2020 година државниот долг порасна за 959 милиони евра.
Таа додава дека Владата во Информацијата конечно призна дека директниот ефект од реализација на мерките од пакетите е само 329 милини евра (со вклучување на јануари и февруари 2021 година).
– Уште еден извор на податоци поврзани со Ковид-19 кризата е базата на податоци на отворени финансии од Министерство за финансии. Според овие податоци, вкупната вредност на исплати поврзани со Ковид-19 од почетокот на кризата до март 2021 година изнесува 353 милиони евра, односно 300 милиони евра во 2020 година, а остатокот од 53 милиони евра е во 2021 година.
Фискалниот стимул даден во 2020 година за економијата преку зголемени буџетски трошења поврзани со кризата и преку одлагањата на даноци кои имаат ефект врз приходната страна на буџетот е 3% од БДП, а НЕ 6,5% колку што објави Владата.И за крај, нас може ПР да ни водите, но не и на Меѓународниот Монетарен Фонд (ММФ). Во базата на податоци на ММФ, со проценка до 17 март 2021 година, за Македонија стои дека фискалните мерки поврзани со Ковид -19 кризaта, а кои се однесуваат на дополнителни трошења или простени приходи за не-здравствен сектор се 3,7% од БДП, а за здравствен секор се 0,2% од БДП или само 19 милиони долари (16 милиони евра). Пари за здравство кои се двојно пониски од она што го плативте за Гама? Пари за здравство кои не спасија доволен број на луѓе! Пари за здравство кои не нѐ квалификуваа за помош од ЕУ! Доста е од ВАС!, пишува во својата анализа Димитриеска-Кочоска.