„Оваа година, државната манифестација „Охридско лето“, финансирана од јавните институции на земјата, се одржува без никаква застапеност на албанската култура во официјалната програма. Во земја каде што Албанците сочинуваат значаен дел од населението и културниот живот, целосното исклучување на кој било албански елемент од национален фестивал е неприфатливо и вознемирувачко“, порачаа утрово од ДУИ преку соопштение.
Наведуваат дека официјалната програма на „Охридско лето“ вклучува концерти, театарски претстави и специјални вечери посветени на европските култури, но ниту еден музички, театарски настан или изложба не го претставува богатото албанско културно наследство.
„Оваа културна тишина е само по себе исклучувачка порака и доказ дека пристапот кон албанската култура во државните институции не е репрезентативен, туку маргинализирачки. Иронично, фестивалот беше отворен во присуство на претседателот на Република Албанија, г-дин Бајрам Бегај, но дури ни ова не беше доволно организаторите да размислат за вклучувањето на албанскиот јазик и култура во програмата. Не само што нема застапеност на албански уметници, туку секоја точка што би го одразувала идентитетот, традицијата или современото албанско творештво во Северна Македонија целосно недостасува.
Албанската култура е и треба да биде природен дел од секој културен настан на национално ниво. Неговото отсуство на ваква манифестација не е организациско прашање, туку индикатор за исклучива политика што се вкоренува во институционалниот систем на културата“, тврдат од партијата на Али Ахмети.
Во соопштението се вели дека ДУИ изразува длабока загриженост за овој исклучив пристап и ги повикува одговорните институции да дадат објаснувања за ова целосно изоставување.
„Владата, Министерството за култура и раководителите на фестивалот мора да сносат одговорност за недостатокот на застапеност на една од главните заедници на оваа земја, не само во јазикот, туку и во духот, во уметноста и во идентитетот.
ДУИ ќе продолжи да ја брани културната разновидност и, во своите рамки, достојната застапеност на албанската култура на сите институционални нивоа, со убедување дека културата не е исклучива, туку столб на коегзистенцијата и општествениот развој“, додаваат од партијата од Мала Речица.