– ЕУ ги потврдува одново својата посветеност на процесот на проширување и своите одлуки донесени во таа врска, врз база на кредибилитетот на реформите на партнерите, справедливата и строга условеност и принципот на сопствените заслуги. Ќе ја зајакнеме уште повеќе нашата заедничка заложба да се унапреди политичката, економска и социјална трансформација на регионот, признавајќи го истовремено напредокот што го постигнал Западниот Балкан. Потсетуваме, исто така. дека е важно ЕУ да може да го поддржува и продлабочува својот сопствен развој, гарантирајќи го својот капацитет за интегрирање нови членки, се наведува во документот.

Во Декларацијата се нагласува дека партнерите на ЕУ од Западен Балкан уште еднаш ја истакнале својата посветеност на европските вредности и принципи и на спроведувањето на неопходните реформи во интерес на своите народи.

– ЕУ ја поздравува посветеноста што партнерите од Западен Балкан одново ја изразуваат во однос на првенството на демократијата, основните права и вредности и владеењето на правото и за продолжување на напорите за борба со корупцијата и организираниот криминал, поддршката за доброто управување, човековите права, родовата рамноправност и правата на припадниците на малцинства. Кредибилитетот на тие обврски зависи од смисловното спроведување на неопходните реформи и постигнувањето солидни резултати, поткрепени со јасна и доследна комуникација со јавноста. Овластеното граѓанско општество и независните и плуралистички медиуми се клучни составни делови од секој демократски систем и ние ја поздравуваме и поддржуваме нивната улога во Западниот Балкан, се посочува во текстот.

Учесниците на Самитот нагласуваат дека за регионот на Западен Балкан ЕУ во секој поглед е најблискиот партнер, основен инвеститор и главен донатор и затоа неспоредливиот размер и опфат на оваа поддршка мора да биде целосно признаен и пренесен од партнерите во нивната јавна дебата и комуникација.

– Поддршката од ЕУ ќе продолжи да биде поврзана со видлив напредок во владеењето на правото и социјално-економските реформи, а исто така и со почитувањето од партнерите на европските вредности, правила и стандарди, се додава во Декларацијата.

Натаму во текстот се потенцира дека ЕУ целосно ја поддржува изразената обврска на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите членки на ЕУ.

– И натаму останува важно билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати. Понатамошни одлучни напори се неопходни за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, како и да се пронајдат и спроведат, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Спогодбата за прашањата за сукцесија, конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања меѓу партнерите кои се вкоренети во наследството од минатото, а исто така и за преостанатите случаи на исчезнати лица и за прашањата во однос на воени злосторства, се нагласува во документот.

Лидерите на Унијата и на земјите од регионот потенцираат дека во целост ги поддржуваат напорите на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина и за другите регионални прашања од Западниот Балкан и очекуваат од двете страни конкретен напредок за целосната нормализација на меѓусебните односи, што е суштински важно за стабилноста и развојот на целиот регион и за да се обезбеди можност тие да продолжат по својот соодветен европски пат.

Дел од Декларацијата е посветен и на пандемијата со Ковид-19, при што се посочува дека оваа криза и натаму сериозно влијае врз европските општества и економии.

– Кризата со Ковид-19 ја нагласува неопходноста од нашето блиско и ефективно партнерство, како и неговите предности. За време на целата пандемија ЕУ со своите земји членки му помагаше на Западниот Балкан, со тоа што здравствената и социо-економска поддршка за регионот досега изнесува вкупно 3,3 милијарди евра, сума што е без преседан. Партнерите од Западен Балкан учествуваат непосредно во иницијативи од ЕУ, поконкретно во Комитетот за здравствена безбедност, системот за рано предупредување, зелените коридори и заедничките договори за јавни набавки за медицински противмерки. ЕУ е спремна и понатаму да го подобрува пристапот до вакцини, дијагностички и терапевтски средства и да обезбеди повеќе предвидливост и отпорност во однос на идни кризи, се потенцира во текстот.

Во документот се нагласува дека ЕУ ја признава и важната поддршка што партнерите од Западен Балкан ја имаат понудено едни на други и на самата Унија за време на пандемијата, како одраз на солидарноста и взаемната поддршка на коишто се темели ЕУ и дека оваа соработка и координација треба да продолжи и во иднина, вклучително и во текот на фазата на закрепнување во пост-ковид периодот.

– ЕУ ќе продолжи одлучно да го поддржува Западниот Балкан, посебно во однос на набавувањето вакцини. ЕУ и нејзините земји членки имаат обезбедено за Западниот Балкан 2,9 милиони дози вакцини преку различни канали, а ќе пристигаат и уште. ЕУ ќе ги поддржува плановите за вакцинација на сите партнери за да се помогне да се постигнат до крајот на 2021 година стапки на вакцинација слични со просечните во ЕУ, се истакнува во документот.

Во Декларацијата дел е посветен и на Економскиот и инвестициски план на ЕУ за Западниот Балкан, при што се нагласува дека ЕУ го претстави овој проект и упатства за спроведување Зелената агенда за регионот, по повикот на лидерите од состанокот на врвот во Загреб.

– Планот одредува значителен инвестициски пакет преку кој се мобилизираат околу 30 милијарди евра за регионот за наредните седум години, од кои 9 милијарди евра неповратни средства и 20 милијарди евра во инвестиции привлечени преку новиот Гарантен инструмент за Западен Балкан. За да се искористи максимално потенцијалното влијание на ЕИП, потребно е партнерите од Западен Балкан да спроведат одлучно економски и социјални реформи и да го зајакнат владеењето на правото. Планот може да ги стимулира долгорочното, зелено социо-економско закрепнување и конкурентноста на регионот, да ја поддржи неговата зелена и дигитална транзиција, да ги поттикне одржливата поврзаност, регионалната интеграција, трговијата, со што ќе ги зајакне соработката и конвергенцијата со ЕУ, вклучувајќи ги и целите во однос на климата, се вели во Декларацијата.

Учесниците на Самитот го поздравуваат неодамнешното усвојување на правната рамка за спроведувањето на ИПА1 III, што, како што се наведува, и понатаму ќе биде клучниот извор на финансиска помош за регионот, вклучително и за ЕИП.

– Комисијата има намера да предложи инвестициски пакет во износ од 600 милиони евра преку ИПА за 2021 година за спроведување на ЕИП за Западен Балкан, кој ќе биде обусловен од постапки усогласени со рамката за програмирање и правилата за спроведување на ИПА ІІІ. Со тоа, заедно со предлогот од 500 милиони евра најавен во јули, до крајот на 2021 година за спроведувањето на ЕИП ќе бидат осигурени вкупно 1,1 милијарди евра, се нагласува во документот.

ЕУ ја признав посветеноста на лидерите од Западен Балкан за целосно спроведување на Зелената агенда и ја поздравуваме спогодбата за поврзаниот акциски план, нагласувајќи дека Агендата, во согласност со Зелениот договор, е клучен фактор за премин кон модерни, јаглерод неутрални економии коишто се отпорни на климатските промени и ефективни во однос на ресурсите, за отклучување потенцијалот на циркуларната економија, борба против загадувањето и подобро управување со отпадот.

– За нејзиното успешно спроведување ќе биде потребна силна посветеност од регионот. Од суштинско значење се залагањата да се обезбеди навремен и ефективен преод од јаглен преку користењето горива од обновливи извори или со помал јаглероден интензитет. Енергетската сигурност би требало исто да биде приоритет, вклучително и преку диверзификација на изворите и рутите. ЕУ ќе продолжи да го поддржува регионот во спроведувањето на Зелената агенда и за развојот на политика за цените на јаглерод во контекстот на механизмот на ЕУ за јаглеродна корекција на границите, вклучително и преку техничка и финансиска помош, се посолува во документот.

Во Декларацијата се истакнува и дека Европскиот инвестициски план (ЕИП) овозможува нов импулс за подобрување на поврзаноста во сите нејзини димензии, во самиот Западен Балкан и со ЕУ, при што Унијата ќе продолжи да ја поддржува инклузивната регионална соработка.

– Од страна на лидерите од Западен Балкан се потребни дополнителни и одлучни напори за да ја исполнат својата обврска за создавање заеднички регионален пазар, како што беше договорено на состанокот на врвот во рамките на Берлинскиот процес одржан во Софија во 2020 година. Тоа ќе помогне на регионот за да напредне по својот европски пат и да донесе реални придобивки за граѓаните и претпријатијата. Искористувањето на потенцијалот од инклузивната регионална економска интеграција е од суштинско значење за да се стимулира социо-економското закрепнување на регионот и да се остварат максимални придобивки од инвестициите што произлегуваат од ЕИП. За брзото завршување на соодветните регионални преговори е потребна силна посветеност од страна на целиот регион, се потенцира во текстот на Декларацијата.

Лидерите на ЕУ и на земјите од Западниот Балкан се согласуваат и да ги засилат напорите за зацврстување на пазарната интеграција на регионот со единствениот пазар на Унијата, при што нагласуваат дека во овој поглед, ЕИП обезбедува здрава основа за практичното спроведување на пазарната интеграција на регионот со единствениот пазар на ЕУ, посебно во области како што се прекуграничните плаќања (SEPA), индустриските и потрошувачките стоки, е-трговијата и царините.

– Одржливиот транспорт е камен темелник за економската и социјална интеграција на ЕУ и Западен Балкан. Приоритет е да се развива и понатаму транспортната поврзаност, во склопот на регионот и со ЕУ, да се подобрат ефикасноста и безбедноста на транспортните услуги и да се постигнат целите за зелена и одржлива мобилност, посебно во однос на железничката поврзаност и поврзаноста преку внатрешните водени патишта. Во контекст на одржливата поврзаност, ги поздравуваме неодамна одобрените акциски планови на Транспортната заедница за железничкиот транспорт, патниот транспорт, патната безбедност, олеснувањето на транспортот и водениот транспорт. Врз основа на успешното спроведување на регионалниот договор за роаминг, и почетокот од 1 јули 2021 година на режимот за бесплатен роаминг во Западен Балкан, го поздравуваме патоказот за роаминг со којшто ќе се создадат условите и ќе се постават јасни цели за намалување трошоците за роаминг помеѓу ЕУ и Западен Балкан, се додава во Декларацијата.

Учесниците на Самитот воедно го поздравуваат и концептот за зелени ленти помеѓу ЕУ и Западен Балкан и ја поддржуваат неговата практична примена на сите релевантни граници, со целосно почитување на утврдените „acquis“ и процедури на ЕУ.

– Денеска стартува специјална Агенда за Западен Балкан за иновации, истражување, образование, култура, млади и спорт – „Агенда за иновации за Западен Балкан“. Таа ќе ги унапредува научната извонредност и реформата во образовните системи на регионот, ќе создава уште можности за младите и ќе помага да се спречи одливот на мозоци. Го очекуваме брзото спроведување на овој акциски план, се истакнува во Декларацијата.

Во делот на документот посветен на политичката и безбедносната соработка се нагласува дека заедништвото со ЕУ е јасен знак за стратегиската ориентација на партнери од Западен Балкан.

– Затоа одново ги потврдуваме нашите очекувања дека, како важен дел од нивниот европски пат, партнерите ќе продолжат да ја продлабочуваат соработката во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) и ќе постигнат видлив и одржлив напредок за полно усогласување со позициите на ЕУ во надворешната политика, постапувајќи соодветно, вклучително и со позициите на меѓународни форуми. Го поздравуваме тоа што некои партнери веќе се усогласија потполно со сите решенија и изјави од областа на ЗНБП, и ги охрабруваме да продолжат да го прават тоа. ЕУ е спремна да го зајакнува уште повеќе политичкиот дијалог во однос на прашања од ЗНБП, додаваат учесниците на Самитот.

Во документот натаму се нагласува дека пред ЕУ и Западниот Балкан стојат голем број заеднички предизвици во однос на безбедноста за коишто се неопходни координирани дејства.

– Се согласуваме да ја зајакнеме нашата соработка за основни безбедносни прашања, вклучително и на оперативно ниво, градејќи врз она што веќе е остварено во рамките на Агендата со приоритети од Софија. Нашите партнери ветуваат да ја покажат својата посветеност за нашата заедничка безбедност и да продолжат да развиваат ефикасни инструменти за соработка во рамките на Западен Балкан. Тие ја имаат докажано својата посветеност на заедничката политика за безбедност и одбрана (ЗПБО) преку својот придонес кон мисиите и операциите на ЕУ, и ние ќе работиме заедно за понатамошното развивање на нивните способности и капацитет, посебно преку Европскиот фонд за мир. ЕУ ќе ја зајакне својата заложба и во области како што се космичкото пространство и воената мобилност за да го олесни пристапот на цивилно-воената помош во регионот во случај на пандемии и природни несреќи, се додава во документот.

Двете страни се обврзуваат и на зајакнување на меѓусебната соработка за справување со дезинформациите и други хибридни закани „кои потекнуваат најмногу од актери од трети земји, што се обидуваат да ја поткопаат европската перспектива на регионот.

– ЕУ и Западниот Балкан ќе ја зајакнат соработката за градење отпорност, подобрување нашата колективна кибербезбедност и кибердипломатијата и зголемување влијанието на нашата стратегиска комуникација, се вели во Декларацијата.

Лидерите на ЕУ воедно изразуваат пофалба за земјите од Западниот Балкан за нивните постојани напори и конструктивна соработка во областа на миграцијата.

– Управувањето со миграцијата е заеднички предизвик којшто ЕУ и Западниот Балкан треба да го решаваат заедно, во тесно партнерство. Нашата соработка за справување со миграциските предизвици ја покажа својата вредност и ние ќе продолжиме да ја развиваме. ЕУ е спремна да се ангажира и понатаму и да ја засили својата поддршка преку адаптиран според случајот и сеопфатен пристап. Фокусните области треба да ги вклучуваат подобрувањето на системите за азил, справувањето со криумчарењето мигранти и незаконската миграција, постапките за враќање, граничното управување, размената информации и капацитетот за прием. Партнерите би требало и понатаму да работат за подобрување системите за враќање, вклучително и за склучувањето договори за реадмисија со клучните земји на потекло. Взаемната соработка во однос на враќањето ќе се продлабочи, со што ќе се искористат максимално постојните рамки и достапните канали. Би требало да се засили и соработката со Фронтекс, Европската канцеларија за поддршка на азил и Европол. Останатите договори за статусот со Фронтекс би требало да бидат склучени без одлагање, се потенцира во документот.

Учесниците на Самитот нагласуваат и дека со оглед на сериозноста на состојбата во Авганистан, ЕУ ќе работи непосредно со сите свои партнери, вклучително и од Западниот Балкан, со цел справување со предизвиците коишто се менуваат постојано, и координирање заедничките одговори, според потребите.

– Тероризмот, радикализацијата и организираниот криминал продолжуваат да бидат сериозни закани за безбедноста на ЕУ и целиот регион. Повикуваме за понатамошно зајакнување на соработката во борбата со тероризмот и спречувањето на насилниот екстремизам, вклучително и за спречување на финансирањето на тероризмот и радикализацијата. Одново го истакнуваме значењето на решителните дејства за совладување на тешкиот и организираниот криминал, а посебно трговијата и криумчарењето со луѓе, перењето пари, одгледувањето растенија за дрога и трговијата со дрога. ЕУ е целосно посветена на спречувањето на незаконската трговија и пренесувањето мало и лесно оружје и муниција за истото, и ќе продолжи да го поддржува Западниот Балкан во таа област, вклучително и во контекстот на специјалниот патоказ за Западниот Балкан против незаконската трговија со огнено оружје, се истакнува во документот.

Учесниците на Самитот истакнуваат дека со цел натамошно унапредување на заедничките интереси, ја изразуваат подготвеноста за заживување и зајакнување на редовниот политички дијалог со регионот и во тој контекст, го поздравуваат одржувањето на состаноци на врвот меѓу ЕУ и Западен Балкан како редовни настани.

– Го очекуваме следниот состанок на врвот кој ќе се одржи во 2022 година. Неопходно е ЕУ и Западниот Балкан да работат заедно за да се соочат со задачите што ја карактеризираат нашата генерација. Ги поздравуваме иницијативите на Западниот Балкан што допринесуваат кон размислувањата за иднината на нашиот континент. И понатаму сме посветени на тоа да ги ислушаме сите Европејци во поглед на прашањата што се значајни за сите нас – заштитата на граѓаните и слободите, развивањето силна и динамична економска база, унапредувањето на зелената и дигиталната транзиција, владеењето на правото, справедлива и социјална Европа, зајакнувањето на отпорноста на Европа, како што и нејзината водечка улога во светот. Го поздравуваме тоа што нашите партнери од Западен Балкан се усогласуваат со горенаведените точки, се наведува во Декларација од денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија.