Европската унија во вторникот соопшти дека изборниот процес во Србија треба да се подобри и да се реформира, по критиките на меѓународните набљудувачи кои оценија дека имало многу пропусти и нерегуларности на изборите одржани во неделата, а на кои надмоќно победи владејачката партија.

„Со загриженост заклучуваме дека изборниот процес бара опипливо подобрување и дополнителни реформи“, рече портпаролката на Европската комисија.

Европскиот парламент е подготвен да посредува меѓу владејачката партија и опозицијата во Белград, изјави германската европратеничка од Зелените, Виола фон Крамон, член на изборните набљудувачи и известувач на ЕП со особено внимание врз преговорите меѓу Белград и Приштина.

Меѓународните набљудувачи критикуваа нерегуларности на изборите.

„Србија гласаше, но ОБСЕ укажа на случаи на злоупотреба на јавни средства, заплашување гласачи и купување гласови. Ова е неприфатливо за земја која има статус на кандидат за членство во ЕУ“, критикуваше германското Министерство за надворешни работи цитирајќи ги забелешките на ОБСЕ.

Вашингтон не ги коментираше наводите за нерегуларности, велејќи само дека сака да соработува со Србија за зајакнување на демократијата по изборите.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, изјави за новинарите дека САД сакаат „да продолжат да работат со претстојната влада на Србија за зајакнување на демократското владеење и владеењето на правото и унапредување на регионалната стабилност“.

Според прелиминарните резултати, владејачката Српска напредна партија (СНС), националистичка десница, од чие раководство Вучиќ формално се повлече во мај оваа година, освои 46,7 отсто од гласовите. Проевропска централно-левичарска опозициска коалиција „Србија против насилството“ освои 23,5 отсто од гласовите.

Но, овие резултати се оспорени. Опозицијата ги критикува измамите во Белград и неколку илјади луѓе во понеделникот вечерта се собраа пред изборната комисија барајќи поништување на изборите во главниот град.