-Очекувавме помош од Европа за враќање на демократијата во Србија. За жал, европските посредници не продадоа сите нас кои веруваме во Европа, бидејќи излегоа со бесмислена хартија, која според опозицијата и сите невладини организации кои го следат изборниот процес, воопшто ништо не менува. И покрај сето тоа решивме да се обединиме и да излеземе на избори и да се бориме, изјави Ѓилас во интервју за австриски Die Presse, пренесе ССП.

За односите на Србија со Кина и Русија, тој рече дека „јасно е дека многу повеќе седиме на кинеската страна на столот”.

-Би требало да бидеме отворени за секој инвеститор доколку плаќа добри плати и обезбедува добри услови за работа. Но, во моментов имаме големи проблеми со кинеските компании, особено со онаа што ќе произведува автомобилски гуми во градот Зрењанин. Покрај загадувањето на животната средина, проблем е што фабриката ја градат 500 работници од Виетнам кои речиси да имаат статус на робови среде Европа. Ова е голема тема во Србија, на работниците им се одземени пасошите, истакна Ѓилас.

Тој оцени дека малку инвестиции доаѓаат од Кина и дека „тоа се кредити со кои се финансираат градежни проекти што ги изведуваат кинеските компании со добивање договори без јавен тендер”.

-Кинезите ја градат патната и железничката мрежа на Србија, метрото во Белград, системот за третман на отпадни води за 3,2 милијарди евра, иако да го добиевме изведувачот на тендер, ЕУ ќе донираше 85% од цената! Нашиот надворешен долг е околу 30 милијарди евра, а потпишавме договори со кинеската извозна банка за уште 15 милијарди евра, изјави Ѓилас.

Тој додаде дека ако Србија не може да ги врати долговите кон Кинезите, „тие би можеле да го бараат нашето електростопанство, телекомуникациите, рудниците, земјиштето, аеродромите, како што тоа го прават во Африка, но и во Црна Гора, која имаше проблеми со долговите кон Кина”.

-Навистина не сакам да живеам во кинеска колонија среде Европа. Интересно е што најголемата финансиска поддршка на Србија дојде од ЕУ. Во исто време, според анкетите, Србите сметаат дека Кина е поголем пријател од ЕУ, истакна Ѓилас.

На прашањето колку е важна помошта на Кина со доставувањето вакцини против коронавирус на почетокот на пандемијата, тој одговори дека тоа„не беше подарок”.

-И плативме на Кина за овие вакцини. Јас не сум доктор, но има многу информации на мрежите и медиумите ширум светот дека кинеската вакцина не делува толку ефикасно како Спутник или Фајзер. На сето тоа Вучиќ одговори со ветување дека во Србија ќе се гради фабрика за производство на вакцините на Синофарм, кажа Ѓилас.

Зборувајќи за евроинтеграциите, Ѓилас изјави дека постојат два проблема, едниот е Србија и нејзината влада, односно Вучиќ, а другиот е ЕУ, која цело време го поддржува

Вучиќ, останувајќи на мотото дека иако нема доволно демократија во Србија , државата е стабилна.