И покрај неколкукратното зголемување на минималната плата и порастот на просечната нето-плата која во ноември достигна 33 илјади денари или 536 евра и е зголемена за 13 отсто, сепак Македонија сè уште се наоѓа на дното. Од Синдикатот сметаат дека минималната плата треба да порасне на 26 илјади денари за да ги покрие високите трошоци за храна. Синдикатот пресмета дека на едно четиричлено семејство му требале над 51 илјада денари за да го „протурка“ месецот. Тоа значи дека во едно семејство се потребни две плати по 26 илјади денари за да се покријат основните месечни трошоци.

Македонија и Албанија имаат намали минимални плати во регионот и Европа. И покрај неколкукратното зголемување на минималната плата и порастот на просечната нето плата која во ноември достигна 33 илјади денари или 536 евра и е зголемена за 13 отсто, сепак Македонија сè уште се наоѓа на дното. Според последната анализа на европската статистичка служба „Еуростат“, македонските граѓани имаат најниски месечни приходи заедно со Албанците и Косовци, а подобро од нас стојат сите останати земји во регионот. Во рамки на Европската Унија најмногу пари за трошење по глава на жител имаат Луксембург и Холандија, а најмалку Бугарија и Романија.

Граѓаните не веруваат дека ваквата состојба ќе се промени и покрај најавите за раст на платите и на минималецот. Синдикатите, пак се револтирани, бидејќи власта никако не ја зема предвид инфлацијата. Велат дека порастот на цените надмина 14 отсто во 2022 година, а платите не растат со истата динамика. Поради тоа, животниот стандард на населението не само што не се подобрува, туку и се намалува.

Од Синдикатот сметаат дека минималната плата треба да порасне на 26 илјади денари за да ги покрие високите трошоци за храна. Синдикатот пресмета дека на едно четиричлено семејство му требале над 51 илјада денари за да го „протурка“ месецот. Тоа значи дека во едно семејство се потребни две плати по 26 илјади денари за да се покријат основните месечни трошоци. Поради тоа, минималецот треба да биде 26.000 денари.

-Методологијата кога се правеше минималната кошница во 2011 година се гледаше две минимални плати да ја наполнат минималната кошница. Со оглед на тоа дека во моментов потрошувачката кошничка е 51.234 денари, ниту три минимални плати не можат да ја наполнат. Затоа, според методологијата од 2011 година, а со оглед на порастот на цените и инфлацијата за да се наполни минималната кошница, минималната плата треба да биде 26.000 денари, изјави, Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на УПОЗ.

Но од бизнис-секторот сметаат дека микро и малите компании и занаетчиите ќе пропаднат во услови да се зголеми минималната плата.

-Доколку минималната плата се зголеми над 20 илјади во март, како што најавуваат од Владата, за голем дел од микро, малите компании и занаетчиите постои опасност за одржливост. Поради тоа наместо да се носи минимална плата на ниво на држава, потребно е компаниите во секој сектор посебно да се договараат за минималната плата. Освен тоа, треба да остане можноста за слободно договарање на платите меѓу сопствениците на компаниите и работниците. Да не дојдеме во ситуација некој друг да се договора за нашите плати, вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија.

Според него, нискиот животен стандард се должи на фактот што сме увозно зависни, имаме скапи енергенси, скапи суровини….

Минималната сума неопходна за покривање на основните трошоци за живот за една година е зголемена за дури 20 илјади денари. Најголеми поскапувања имаше кај храната и кај енергенсите. Аналитичарите очекуваат инфлацијата да остане двоцифрена и во 2023 година.

Сепак, ако е за утеха, има и полоши од нас. Најниска минимална плата од 264 евра се исплатува на Косово, а минималната заработка во Албанија е 284 евра. И во Босна и Херцеговина се помести границата од 280 евра минималецот порасна на 305 евра. Во Србија, пак минималец од 40.020 динари или околу 340 евра се зголеми за 43 евра.

И Бугарија, една од најсиромашните членки на ЕУ, 2023 ја започна со пораст на минималната плата која изнесува 390 евра. На позавидно ниво се Црногорците кои имаат минимална плата од 450 евра. Во Хрватска од 1 јануари минималецот е 560 евра, во Словенија 1.203,36 евра…

Во ЕУ на врвот од листата, со износ од 2.776 евра, е Луксембург, следува Белгија со 1.954, Холандија со 1.934, Германија – 1.800 евра, Франција 1.709 евра.

Што се однесува до нето-платите убедливо највисока во земјите од Западен Балкан има Црна Гора, каде што работници во просек земале 720 евра. Токму во Црна Гора и најмногу пораснале платите за една година, за дури 200 евра. Втора е Србија со нето-плата од 636 евра, трета Босна и Херцеговина со нето-плата од 603 евра. А на дното на листата се Македонија со 536 евра, Албанија и Косово со 533 евра, односно 484 евра просечна нето заработувачка.